Докторка од пеколот: Како Жизел Перл спасила илјадници жени во Аушвиц?

Без лекови и медицински апатати, Жизел вршела абортуси и прекинувања на бремености со свои раце, спасувајќи ги така животите на мајките додека истовремено морала да се соочи со трагедијата на одземање на животите на новороденчињата

Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот се одбележува на 27 јануари во знак на сеќавање на денот кога советските трупи, пред осум децении во 1945 година, го ослободиле Аушвиц, германскиот концентрационен логор кој беше место на најголемиот масовен злочин во историјата.

Историјата е позната по монструозните дела на Јозеф Менгеле, злогласниот доктор познат како „Ангел на смртта“, но помалку е познато дека тој имал помошничка, докторка која беше Еврејка затворена во логорот – Жизел Перл. Жизел била принудена да му помага во неговите експерименти, но, и покрај тоа, ја искористила својата положба за да спасува животи на затвореници.

Жизел Перл од мали нозе покажувала извонредни академски способности. Со само 16 години станала единствената жена и единствената Еврејка која завршила средно училиште. Имајќи големи амбиции, побарала од својот татко да ја запише на медицински факултет, иако тој бил несигурен, бидејќи не сакал неговата ќерка да го напушти јудаизмот. На крајот попуштил, откако Жизел ветила дека ќе остане верна на својот религиозен идентитет.

Во 1944 година, Жизела работела како гинеколог и живеела со своето семејство во еврејското гето во Унгарија, кое тогаш било дел од Романија. Во март таа година, целото нејзино семејство, вклучувајќи го нејзиниот сопруг, син и родители, биле испратени во Аушвиц, каде веднаш биле разделени. Нејзината помала ќерка останала скриена во една нееврејска фамилија. Докторот Јозеф Менгеле ја принудил Жизел Перл да работи во болницата на логорот.

Нејзините почетоци во Аушвиц биле доста стандардни – преврзувала рани, лечела скршени ребра и чистела рани. Но, брзо потоа нејзините задачи станале се потешки. Менгеле и наредил да известува кои жени се бремени во логорот, бидејќи тие жени, според верувањето на Жизел, ќе бидат префрлени во друг логор со подобри услови. Но брзо ја сфатила страшната вистина – бремените жени биле испраќани во „истражувачки блокови“, каде биле користени за експерименти на Менгеле и потоа убивани во крематориумот.

Тогаш, Жизел одлучила дека повеќе никогаш нема да дозволи бремени жени да дојдат во Аушвиц. Без лекови и медицински апарати, Жизел вршела абортуси и прекинувања на бремености со свои раце, спасувајќи ги така животите на мајките додека истовремено морала да се соочи со трагедијата на одземање на животите на новороденчињата.

По завршувањето на војната, Жизел Перл тешко се носела со тежината на траумата, а во 1947 година се обидела да изврши самоубиство. Сепак, преживеала и повторно започнала да се занимава со медицина, сè до емиграцијата во САД во 1948 година. Во Америка станала гинеколог специјализиран за неплодност и успеала да отвори своја ординација на Парк Авенија, каде работела повеќе од четири децении.

Жизела Перл во својата кариера породила околу 3.000 здрави бебиња, а секоја бременост на која ѝ помагала била потсетување на тоа дека животот може да победи над ужасите што ги преживеала. Во своите автобиографии и интервјуа, често зборувала за тоа како им помагала на жените кои го преживеале Холокаустот да имаат деца и да изградат семејства.

Во 1979 година, се преселила во Израел, каде го поминала остатокот од животот со својата ќерка и внука. Жизел Перл станала симбол на надеж и храброст. Починала во 1988 година на 81-годишна возраст.

Нејзината книга „Бев доктор во Аушвиц“ е една од најрани и најважни книги која отворено зборува за сексуалното насилство и бруталноста што жените ја претрпеле во логорот.

Денес, Жизел Перл е позната како „Ангел од Аушвиц“, заради сè што направила за своите пациенти и жените кои го преживеале тој пекол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни