Дизелот во САД првпат надмина шест долари за галон, се очекува нов бран поскапувања

Со новата цена е надминат претходниот рекорд од околу 5,82 долари за галон дизел, забележан во 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина

Просечната цена на дизел-горивото во Соединетите Американски Држави првпат надмина шест долари за галон, достигнувајќи го највисокото ниво во историјата. Растот ги зголемува трошоците за транспорт, земјоделство и производство и создава опасност од нов инфлациски притисок врз американската економија.

Според податоците на американското автомобилско здружение ААА, националниот просек достигнал околу 6,05 долари за галон. Дизелот за само една недела поскапел од 5,85 на повеќе од шест долари, додека пред една година чинел околу 3,70 долари. Тоа претставува раст од над 60 проценти за една година.

Со новата цена е надминат претходниот рекорд од околу 5,82 долари за галон, забележан во 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Војните и нарушеното снабдување ја креваат цената

Новиот рекорд е последица на нарушувањата во глобалното снабдување со нафта и нафтени деривати. Војната со Иран и ограничената пловидба низ Ормускиот Теснец го намалија протокот на енергенси од Блискиот Исток, додека украинските напади врз руските рафинерии дополнително го стеснија светското производство на дизел.

Пред ескалацијата, преку Персискиот Залив дневно се транспортирале околу 900.000 барели дизел, што претставува приближно 10 проценти од глобалното снабдување што се превезува по море.

Дополнителна неизвесност создава напредувањето на јеменските Хути во близина на Баб ел-Мандеб. Теснецот го поврзува Индискиот Океан со Црвеното Море и Суецкиот Канал и е една од клучните рути за транспорт на нафта и стоки.

Цената на суровата нафта „брент“ неделава повторно надмина 100 долари за барел. Иако во петокот се намали на околу 104 долари по информациите за можни дипломатски разговори, нафтата остана на пат да забележи неделен раст од над осум проценти, објави Ројтерс.

Секој камион и секоја испорака стануваат поскапи

Дизелот има клучна улога во американската економија. Со него се движат голем дел од товарните камиони, земјоделските машини, возовите, градежната механизација и опремата во индустриските погони.

„Секој камион, секоја испорака, секој пакет и секое одење во супермаркет станаа поскапи“, предупреди аналитичарот на GasBuddy, Патрик де Хан.

Зголемените транспортни трошоци најбрзо би можеле да се почувствуваат кај свежата храна, како месото, овошјето и зеленчукот, бидејќи овие производи мора почесто да се превезуваат и доставуваат до продавниците.

Големите компании за испорака, меѓу кои „Амазон“, UPS и FedEx, веќе вовеле дополнителни надоместоци за да го компензираат растот на трошоците за гориво, објави Асошиејтед прес.

Резервите се под петгодишниот просек

Американските резерви на дизел изнесуваат околу 106,3 милиони барели и се приближно 13 проценти под просекот од последните пет години. Рафинериите работат со висок капацитет, но истовремено извезуваат големи количества гориво за да го надоместат недостигот на светскиот пазар.

Аналитичарите предупредуваат дека побарувачката дополнително ќе расте поради есенската земјоделска жетва на северната хемисфера и подготовките за зимската сезона. Во овој период традиционално се зголемува и потрошувачката на масло за греење, кое е слично на дизелот.

Поскапувањето веќе ги засилува стравувањата од нов инфлациски бран. Повисоките трошоци за производство и транспорт најчесто на крајот се пренесуваат врз потрошувачите преку повисоки цени на храната, пакетите, услугите и секојдневните производи.

Белата куќа очекува цените да се стабилизираат доколку се намалат геополитичките тензии и се подобри снабдувањето со нафта. Енергетските аналитичари, сепак, предупредуваат дека недостигот на дизел не е краткотраен скок, туку подолготраен тренд и дека високите цени би можеле да продолжат и во следните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс