Дизелот во Америка никогаш не бил поскап

Галонот дизел во САД достигна рекордни 5,85 долари поради судирот со Иран, додека Белата куќа најавува договор за нафта со Венецуела.
Фото: Harrison Keely, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Возачите во САД плаќаат рекордни суми за дизел на бензинските пумпи, откако просечната цена на галон достигна 5,85 долари. Според податоците на американската автомобилска асоцијација (AAA), цената е значително повисока од ланските 3,71 долари за галон, надминувајќи ги дури и рекордите забележани по руската инвазија на Украина. Скокот на цените е директна последица од растот на велепродажните цени на нафтата по ескалацијата на конфликтот со Иран.

Дизелот во САД претежно се користи за комерцијални возила како што се камиони, автобуси, возови, бродови, како и за земјоделска и градежна механизација. Со просечна цена од околу 1,55 долари за литар, трошоците за транспортот и логистиката бележат вртоглав раст, што директно ги празни џебовите на американските граѓани. Цените на горивата почнаа нагло да растат кон крајот на февруари, кога започна воениот конфликт во кој се вклучени САД и Израел против Иран.

Како одговор на растот на трошоците за гориво, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека значително ќе ги снижи цените за сите граѓани преку нафтен договор со Венецуела. Овој потег доаѓа по акцијата во јануари кога американските специјални сили го заробија поранешниот венецуелски лидер Николас Мадуро.

Новиот договор предвидува развој на 17 стратегиски нафтни полиња со потенцијал од 65 милијарди барели нафта, со инвестиции поголеми од 100 милијарди долари и над 209 милијарди долари даночни приходи за Венецуела, според изјавата на привремената претседателка Делци Родригез. Според информациите што неименуван американски функционер ги потврди за CBS News, владата во Вашингтон ќе задржи 55 отсто контрола над заедничките инвестиции преку искусен приватен оператер во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс