Девет земји од ЕУ: Величањето на геноцидот е пречка за членство

Девет медитерански членки на Европската Унија постигнаа заеднички став дека величањето на воените злосторства и геноцидот не може да биде дел од европскиот пат на земјите кандидати.

Девет медитерански членки на Европската Унија постигнаа заеднички став дека величањето на воените злосторства и геноцидот не може да биде дел од европскиот пат на земјите кандидати.

Ставот е содржан во Сплитската декларација, усвоена денеска на самитот на групата MED9 во Сплит, со кој претседава Хрватска. Во документот, лидерите на земјите членки бараат од кандидатите за членство „вистинска посветеност на помирувањето и недвосмислено отфрлање на величањето на воените злосторства и геноцидот“.

Иако во декларацијата не е именувана конкретна држава, пораката доаѓа во чувствителен момент за европскиот пат на Западен Балкан. Само неколку недели претходно, Европската Унија остро реагираше на величањето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ и порача дека величањето на воени злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам немаат место ниту во ЕУ ниту во земјите кандидатки.

Во исто време, MED9 ја потврдува европската перспектива на Западен Балкан и проширувањето го опишува како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот.

Тоа значи дека покрај реформите, владеењето на правото и добрососедските односи, во европскиот процес дополнително се нагласува и односот на кандидатите кон воените злосторства, жртвите и пресудите на меѓународните судови.

Во MED9 членуваат Хрватска, Кипар, Франција, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија. На самитот во Сплит учествуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс