Триесетгодишен маж е уапсен под сомнение за обид за убиство, а полицијата во Кембриџшир ги истражува околностите на инцидентот.
Тригодишно момче е тешко повредено во зоолошката градина „Џонсонс оф Олд Херст“ во Кембриџшир, Англија, откако завршило во просторот со крокодили. Детето е пренесено во болницата „Аденбрук“ во Кембриџ, каде што се наоѓа во критична, но стабилна состојба.
Полицијата во Кембриџшир соопшти дека инцидентот се случил во четврток попладне, околу 13:30 часот. Триесетгодишен маж од Норфолк е уапсен под сомнение за обид за убиство.
Главната инспекторка Верити Мекан изјави дека полицијата разговара со лица кои биле присутни во зоолошката градина, со цел да се утврдат сите околности. Таа нагласи дека, според досегашните информации, не се верува дека уапсениот маж и детето се познавале.
„Во оваа фаза од истрагата разговараме со оние кои биле присутни во зоолошката градина за подобро да ги разбереме околностите на инцидентот. Не веруваме дека мажот и детето биле поврзани“, соопшти полицијата.
Специјално обучени полицајци му даваат поддршка на семејството на момчето во болница. Надлежните апелираат јавноста да се воздржи од шпекулации додека истрагата е во тек.
Локалниот пратеник Бен Обез-Џекти изјави дека е во контакт со високи полициски службеници и дека случајот се третира како сериозен инцидент. Тој побара од јавноста да не шири непотврдени информации на социјалните мрежи.
Зоолошката градина „Џонсонс оф Олд Херст“ соопшти дека делот со крокодили и рептили ќе остане затворен до понатамошно известување, од почит кон детето и неговото семејство. Остатокот од комплексот продолжува да работи според одлуките на управата.
Станува збор за семеен комплекс во рурална област, кој вклучува зоолошка градина, фарма, продавница за локални производи и угостителски објекти. Во него има повеќе од 100 животни, меѓу кои и егзотични видови.
Истрагата продолжува, а полицијата најави дека дополнителни информации ќе бидат објавени кога тоа ќе биде можно.