Демографски пад во Јапонија: Бројот на жители падна под 120 милиони, се раѓаат најмалку деца во повеќе од еден век

Јапонија бележи рекорден демографски пад – бројот на домашни жители падна под 120 милиони, а бројот на новородени е најнизок од 1899 година.

Јапонија за првпат по повеќе од четири децении има помалку од 120 милиони домашни жители. Според податоците на Министерството за внатрешни работи и комуникации, на 1 јануари во земјата живееле 119,74 милиони јапонски државјани, што е намалување од 0,76 проценти во однос на претходната година.

Ова е 17-та последователна година на намалување на бројот на населението, откако тој го достигна својот врв во 2009 година. Во исто време, бројот на странски државјани е највисок откако се води оваа евиденција, а вкупната популација на Јапонија изнесува околу 123,8 милиони жители.

Демографскиот пад веќе создава сериозни економски предизвици, меѓу кои недостиг на работна сила, повисоки трошоци за социјална заштита и намалена даночна база.

Минатата година стапката на наталитет повторно падна на рекордно ниско ниво од 1,14 деца по жена. Воедно, се родиле нешто повеќе од 670.000 деца – најмалку од 1899 година, кога започнало водењето официјална статистика.

Јапонските власти се обидуваат да го поттикнат наталитетот со различни мерки, меѓу кои и апликацијата TOKYO Enmusubi, која со помош на вештачка интелигенција им помага на луѓето да пронајдат партнер. Досега преку оваа платформа се склучени 265 бракови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс