Дали му се заканува на светот целосен прекин на авио-сообраќајот поради кризата на Блискиот Исток? Со години авио-сообраќајот растеше, а луѓето уживаа во евтини авионски билети. Патувањето со авион стана начин на живот и брз начин да се стигне од точка А до точка Б. Но, дали така ќе биде и во иднина?
Војната на Блискиот Исток, блокадата на Ормуски теснец и растечките цени на нафтата би можеле значително да ја променат ситуацијата. Што би се случило ако авио-компаниите едноставно останат без гориво?
Авиоиндустријата досега се соочила со повеќе кризи – од целосното запирање за време на КОВИД-19, до ерупцијата на исландскиот вулкан во 2010 година која го затвори европското небо осум дена. Сепак, индустријата секогаш се опоравувала.
Понуда и побарувачка пред недостиг
Според The Guardian, постои одредена флексибилност во преработката на суровата нафта, што значи дека може да се прилагоди односот меѓу бензин, дизел и авионско гориво.
Пред да дојде до вистински недостиг, горивото би станало екстремно скапо. Ако конфликтот трае подолго, ќе важи правилото кој има пари, ќе има гориво. Цената на авионското гориво веќе се удвои во последните два месеци, а дури и да престане конфликтот, ќе бидат потребни месеци за нормализација.
Првите последици веќе се тука
Американската нискобуџетна компанија Spirit Airlines веќе го запре работењето, оставајќи илјадници патници без решенија. Lufthansa го намали бројот на летови за околу 20.000, додека Virgin Atlantic и British Airways најавуваат поскапувања.
Според експерт од Lufthansa, клучни се две работи: растот на цените и достапноста на горивото. Компаниите се обидуваат да се заштитат – easyJet има обезбедено 70% од потребите до септември, Lufthansa 80% до крајот на годината, а Ryanair тврди дека е најзаштитена во Европа.
Нискобуџетните авиокомпании со многу кратки летови се најранливи. Патниците веќе ги менуваат навиките избираат поблиски и достапни дестинации. Goldman Sachs предупредува дека Обединето Кралство е најизложено во Европа поради ниските резерви и зависноста од увоз.
Постојат ли алтернативи?
Алтернативи постојат, но се скапи и сложени: синтетичко гориво (10 пати поскапо), водород (бара целосна промена на инфраструктурата) и поефикасни авиони (долгорочно решение). Летањето може повторно да стане луксуз. Веќе сега 80% од луѓето никогаш не летале, а со растот на цените тоа ќе стане уште поизразено.
Сепак, целосен прекин на летовите не е реален во скоро време. Ќе помине долго време пред авионите да бидат приземјени – но евтините летови какви што ги знаевме можеби стануваат минато.