Дали и како ве снимаат паметните телевизори во вашиот дом?

Јужнокорејскиот технолошки гигант, LG, тврди дека уредите не прислушуваат постојано, но прецизира под кои услови микрофонот се вклучува.

Паметните телевизори не ги снимаат ниту ги пренесуваат постојано разговорите од дневната соба, тврдат од компанијата „Ел-џи“ (LG Electronics) по стравувањата во јавноста за нарушување на приватноста. Обработката на гласовните податоци започнува исклучиво кога корисникот рачно ќе ја активира функцијата преку далечинскиот управувач или со задавање гласовна команда, при што претворањето на говорот во текст трае најмногу 18 секунди.

Од компанијата појаснуваат дека гласовната интеракција бара свесна акција од страна на корисникот. Опцијата се активира со притискање копче на далечинскиот управувач или со изговарање збор за будење кај моделите што поддржуваат контрола без раце.

Кога телевизорот работи во режим на подготвеност со вклучена контрола на говор, проверката дали е изговорен клучниот збор се врши исклучиво локално, директно на самиот чип во уредот. Доколку зборот не е препознаен, аудио записот не се претвора во текст, не се зачувува во меморијата и не се испраќа на надворешни сервери. Сесијата автоматски завршува десет секунди по последниот збор или по најмногу 18 секунди вкупно траење.

Податоците не се архивираат за подоцнежно испраќање доколку уредот привремено остане без интернет врска. Оваа функција е фабрички исклучена и бара согласност од корисникот за посебниот договор за гласовни информации.

Заедно со прашањата за микрофоните, отворена беше и дилемата за мрежното скенирање во локалниот дом. Од „Ел-џи“ наведуваат дека алатката за откривање поврзани апарати служи единствено за воспоставување врска со надворешни уреди што самиот корисник ќе ги приклучи, како конзоли за игри, дигитални ресивери или паметни додатоци за домаќинството.

Собраните податоци од оваа комуникација овозможуваат стабилно функционирање на врската и не се користат за составување профили на навиките во домаќинството ниту за пласирање таргетирани реклами.

Технологијата за автоматско препознавање содржина преку аудио отпечатоци, позната како ACR, служи за анализирање на материјалите што се емитуваат на екранот, но компанијата посочува дека таа воопшто не е достапна на пазарите во нашиот регион.

Каде што е присутна, технологијата е целосно изборна иницијатива и доаѓа фабрички оневозможена. Дури и кога е активирана, таа не прави аудио или видео снимки од просторијата, ниту снима фотографии од екранот. Одбивањето на овие согласности не ги блокира основните функции на телевизорот, па стриминг платформите, редовната ТВ програма и надворешните HDMI влезови продолжуваат да работат непречено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс