„Да ви кажам право“, збирка раскази од Огнена Никуљски – нова книга во Или-Или

Стилот на Никуљски е жив, јасен и природен, со богатство од говорни нијанси и прецизно забележани детали

Издавачката куќа Или-Или, во едицијата ПРОаЗА како книга бр.251 ја издаде збирката раскази „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски.

„Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски е книга што уште со насловот го најавува својот силен адут: непосредноста. Овие избрани раскази се раскажани со исповедна отвореност, како доверлив разговор во кој животот не се разубавува, но ниту се претвора во повод за самосожалување. Авторката зборува за љубовта и разочарувањата, за семејството, насилството, осаменоста, спомените, стареењето и малите секојдневни радости со храброст да го именува и она што најчесто се премолчува.

Особена вредност на книгата е отвореното и ретко книжевно согледување на жената во подоцното доба од животот. Таа овде не е сведена на возраст, загуба или повлекување, туку е прикажана како жена со тело што се менува, со желби, стравови, сеќавања, лутина, самоиронија и потреба повторно да се пронајде себеси. Во нејзиниот поглед кон сопствениот живот има и болка и помиреност, но и тврдоглава волја да не ѝ се предаде на празнината.

Стилот на Никуљски е жив, јасен и природен, со богатство од говорни нијанси и прецизно забележани детали. Хуморот,понекогаш благ, понекогаш остар и црн, не ги потиснува тешките теми, туку им дава човечка мерка. Од автобусите и комшиските муабети  до најинтимните пресметки со минатото, „Да ви кажам право“ создава препознатлив свет во кој трагичното и смешното постојано се допираат. Тоа е искрена, топла и стилски уверлива проза за преживеаното, прифатеното и за слободата човек најпосле да живее во согласност со себеси.

Огнена Никуљски, професор по шпански во пензија, книжевен преведувач, автор, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Родена е во Скопје, 1951 година

По романот „И ѕирка и проѕирка“, финалист за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, збирката раскази „Да ви кажам право“ е нејзина втора објавена книга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс