Search

Да се зборува за поп-културата со преполна уста морал

Колумнава за малата поп – културна школa e со поглед, прераскажување и опишување на овој општествен феномен, анализиран и документиран од многумина, на различни јазици, во различни контексти и со различни мотиви. Со оглед на тоа што кај нас преовладува англо-американскиот дискурс се решив да придонесам во проширувањето на нашите заеднички видици и да ги разгледувам и споделувам овие нешта и од гледна точка на германското говорно подрајче, служејќи се со  интересни и содржајни анализи на тројца автори. Освен нивното творештвото од областа на популарната култура ќе се служам и со написи и колумни од реномирани интернет портали и секако со своја глава и притоа ќе го искористам и моето долгогодишно искуство како радио водител, вокален солист и сонграјтер па, ќе си дозволам да зборувам на овие теми и од тие причини.

Во првата колумна го начнувам прашањето што е поп-култура a, во наредните продолженија ќе пишувам и за тоа каде сѐ не била, какви траги оставила и кои промени ги иницирала и каде се наоѓа сега. Има многу за пишување. Затоа што оваа колумна има поп формат, таа ќе биде кратка. Ќе биде и критички настроена а, кога велам критички не мислам ништо лошо и се надевам ќе биде и читлива, инспиративна и дружељубива. Во секој случај нема да биде возможно да кажам сѐ одеднаш.

Се чини дека поп – културата сѐ уште е жива и клоца. Поп, изведено од латинскиот збор  populus(народ), би можело да се каже дека во своето значење е и народна култура, наспроти високата култура којашто во едно за нас далечно минато им била достапна само на благородниците и религиозните моќници. Во денешно време поимот за висока култура добива пошироки значења и дефиниции но, во овој текст ќе станува збор пред сѐ за популарната култура.  

Каде и како точно започнува нејзината приказната е прашање чиј одговор би можел да се раздолжи до бескрај a, и зависи кого ќе прашате но, ајде да си ја замислиме како фабричка лента на којашто е тешко да ѝ се најде крајот и почетокот. Каква врска имаат ремек-делата и оригиналноста на нашите поп идоли со фабричка  лента – тоа не е за богови, божици, пророци, спасители, демони, вештерки, самовили, принцези и суштества од задгробнoто царство? Фабричката лента е за најмени работници, не!?

Фабричката лента како симбол на индустријализацијата и модернизацијата а со тоа и рапидниот развој на  технологијата и тоа како има врска со поп-културата онаква каква што ја познаваме, без намера да се дискредитира или морализира нејзината важност и општествено влијание но, и без лажна скромност да се отфрли фактот дека таа е сепак и мајка и маќеа на продукти кои имаат своја цена и се неизоставен дел од пазарната економија на која е подредено нашето секојдневие и егзистенција – ни се допаѓало тоа нам или не, и секако без да  ја заборавиме нејзината харизма со ветувањето дека може да се стане ѕвезда без разлика на потеклото и социјалниот статус.

Во своето популарно значење, популарната култура најчесто се смета за забава, емоција, опуштање…Културата пак неретко се смета за нешто пристојно, фино, убаво, боженствено а всушност доаѓа од латинскиот збор (пресадување, преработување, гаење). Во нашиот секојдневен говор, да се биде културен значи да се има манири, да се биде воспитан, исчешлан, избањат, дотеран, да не се повишува тон, да се има чист јазик и уста. Но, поп-културата е и народна култура заради тоа што е достапна за сите а, не ради нејзината исполираност и финост и тука не се мисли само на музика туку и на сите нејзините форми како и медиумите преку коишто таа допира до поширока група на луѓе.  Оттука и телевизијата и радиото – во поново време и интернетот, се витален орган на корпусот на овој општествен феномен.

Ако се внесе овој поим на кирилица со ИП адреса од Македонија во кладенчето на интернет пребарувачот се доаѓа и до статија на Википедија на македонски јазик, инаку никулец со кратка и крајно дискутабилна содржина.

„Популарна култура(поп-култура) или масовна култура— мноштво замисли, гледни точки, ставови, шеги и други културолошки одлики најзастапени меѓу широките народни маси од одредено општество.„Изобилува со КИЧ (германски Kitsch)– нисковредно творештво со уметнички претензии и цел да биде достапно на што поширок круг луѓе. Основен мотив на создавање на оваа култура е остварувањето профит.“

За тоа што е поп-култура, постојат мноштво теории од различни временски дистанци и општествени околности но, исто така и нејзини набљудувања кои не нужно имаат врска со естетската вредност на нејзините творби или што би се рекло народски не се работа на личен вкус (на некој “учен“!).

Реномираниот германски фелјтонист, филмски критичар и критичар на културата Георг Зеслен (Georg Seeßlen), смета дека поп-теориите од осумдесеттите години што одекнуваат и до денешен ден, а се граделе на мнението дека поп културата е нешто површно, нереферентно, поза, хипстерај, всушност служат за олеснување на работата на критиката. Уште попрецизно вели дека: Констатацијата за површноста на поп-културата ѝ служи пред сѐ на површноста на самата критика.  Неговата  радикално продорна анализа на поп-културата изнесена во „Дали е ова крајот? Поп помеѓу ослободување и угнетување (Is This The End, Pop zwischen Befreiung und Unterdrückung), започнува со неговата навидум контрадикторна изјава дека поголем дел од неговиот живот истовремено ја мразел и ја сакал поп-културата за којашто исто така ќе рече и дека таа се бунтува но, исто така и корумпира. Ова е еден од тројцата автори кои ми оставиле силен впечаток со своите познавања и видувања и во наредните колумни токму оваа книга ќе биде еден од главните извори и инспирација.

Да се зборува за поп-културата со преполна уста морал и од позиција на висока култура како единствена вредна уметност, не само што е површно туку и назадувачки и штетно за општествените развојни динамики и ги продлабочува социјални разлики. Недостатокот(што е случај кај нас), или површноста на критиката на поп-културата е причинителот на нејзиното фантомизирање, стигматизирање, обезвреднување и неретко отфрлање и произволно етикетирање како и неправедно напикување во ќош и игнорирање на “лошите и безбожни деца“ од една страна и хвалоспевите на реакционерните војници на “вистинската уметност“ наменета за “добрите деца“ – талентираните сопрани и нивните распони од дузина октави напикани во триминутен триумфален аудио визуелен спектакл од каскади со висок емоционален набој кои не оставаат многу простор за содржина, како еден пример од музичката дејност, од друга страна.

Кои се всушност децата на поп-културата и од каде навистина доаѓаат? Да се зборува за популарна култура а да не се споменат класните разлики во текот на нејзиниот подем е скоро невозможно, барем кога станува збор за генезата на овој општествен феномен. Поп културата му станува достапна на обичниот народ, на работникот – наспроти она што се нарекува висока култура,  благодарение на технологијата и привилегијата на модерниот човек не само удобно да се репродуцира туку и да репродуцира. Но, тој истовремено ќе стане и нејзин големопоседник и роб. Поп-културата е полна со противречности и како што вели Зеслен: Поп, помеѓу ослободување и угнетување.

Продолжуваме следното петоче!

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни