Црна Гора се соочува со сериозен пожарен бран – активни пожари има во пет општини, а најкритична е состојбата во Херцег Нови и Улцињ. Пожарникарите на повеќе локации се борат со огнената стихија и истовремено се обидуваат да ги заштитат куќите, објектите и клучната инфраструктура.
Во Херцег Нови, најкритично е над Ѓеновиќи, на потегот од Бијела до Зеленика. Пожар повторно се активирал и над Драгаљ, во општина Котор. Во Улцињ активни се пожари во Владимир, Клезна, Гача, Зогање, Бриска Гора и Дарза. Екипите на терен особено се обидуваат да ја заштитат трафостаницата и црквата.
Пожари има и во Бар, на Голото Брдо и Лисин, но засега, според надлежните, овие жаришта не претставуваат опасност. Во Никшиќ активни се пожарите во Кусиди и Стрмина.
Во гаснењето се вклучени и авиони на Министерството за внатрешни работи и хеликоптер на Армијата на Црна Гора. Во Херцег Нови се ангажирани 73 пожарникари со 20 возила, додека во Никшиќ пожарите ги гаснат 50 пожарникари со 10 противпожарни возила.
Во Улцињ се ангажирани и 14 припадници на црногорската армија, со две теренски возила и три противпожарни камиони. Пожарникарите на повеќе фронтови се борат да спречат огнот да стигне до населените места и инфраструктурата.