Црна Гора направи нов значаен чекор во процесот на пристапување кон Европската Унија, откако земјите членки се согласија да започне работа на пристапниот договор за оваа балканска држава, пишува „Еуроњуз“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го опиша потегот како „клучна пресвртница“ и „голем чекор кон пристапување во Европската Унија“.
На состанокот на Заедничкиот советодавен одбор во Подгорица, црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ изјави дека подготовката на пристапниот договор, заедно со затворањето на преговарачките поглавја, го најавува последниот круг од 14-годишниот процес на Црна Гора кон ЕУ.
Според неа, овој потег означува влез во завршната фаза од преговорите, а членството во Европската Унија се очекува во 2028 година.
Одлуката следува откако амбасадорите на сите земји членки на ЕУ во средата решија да формираат посебна работна група за подготовка на пристапниот договор.
Заедничкиот советодавен одбор, формиран меѓу ЕУ и црногорското граѓанско општество, функционира како платформа преку која граѓанскиот сектор учествува во процесот на европска интеграција.
Горчевиќ ја истакна важната улога на граѓанското општество во пристапниот процес, особено преку учеството во работните групи.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Рикардо Сери, изјави дека земјата има историска можност да го доведе до крај процесот на пристапување.
„Но нема време за губење — напредокот зависи од спроведување конкретни реформи во наредните месеци“, рече Сери, додавајќи дека процесот мора да го водат институциите во соработка со граѓанското општество.
Црна Гора, заедно со Албанија, се смета за водечки кандидат за следно проширување на Европската Унија по влезот на Хрватска во 2013 година. Земјата има статус на кандидат од 2010 година и веќе има посебна врска со ЕУ, бидејќи еднострано го користи еврото како валута, иако не е дел од еврозоната.
Преговорите траат 14 години, а пред Црна Гора остануваат уште неколку важни задачи. ЕУ користи систем на кластери, кои опфаќаат области од даночна политика до заштита на животната средина, со кои земјата мора да се усогласи пред членството.
Досега Подгорица ги завршила преговорите за 14 од вкупно 35 области.
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека „местото на Црна Гора во ЕУ сега добива форма“.
Таа додаде дека процесот е можност да се извлечат поуки од претходните проширувања и во идните пристапни договори да се вклучат посилни заштитни механизми, со цел да се спречи назадување во владеењето на правото и основните вредности.