Македонскиот филмски проект „Цутот на зората“ (They Bloom at Dawn), дебитантски долгометражен филм на сценаристката и режисерка Ангела Димеска, ја освои наградата што заеднички ја доделуваат MIDPOINT, Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари и Barrandov Studios.

Проектот се развива во соработка со продуцентот Огнен Антов од продукциската куќа Dream Factory Macedonia и е дел од програмата MIDPOINT Feature Launch, една од најзначајните европски платформи за развој на долгометражни филмски проекти. Наградата е признание за квалитетот и потенцијалот на филмот, а воедно обезбедува дополнителна поддршка за неговиот понатамошен развој.

„Цутот на зората“ е драма што ја следи приказната за три генерации жени, пејзаж кој постепено исчезнува и љубовта која не секогаш знаеме да ја покажеме. Преку интимна семејна приказна, филмот обработува теми поврзани со наследството, меѓугенерациските односи и промените што ги носи времето.

Ангела Димеска е македонска сценаристка и режисерка чии краткометражни филмови „Перики“ и „Кутии“ беа прикажани на бројни меѓународни филмски фестивали. Во моментов го подготвува и својот трет краткометражен филм „Денот кога музиката стивна“, кој е поддржан од Агенцијата за филм.
Освоеното признание претставува уште еден успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена и потврда дека домашните автори успешно се позиционираат на европските филмски платформи.