Дали литературата сè уште може да биде простор за слобода, отпор и преиспитување? Под мотото „Чуму слободата?“, денеска во Скопје започнува 12. издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“, кој до 30 септември носи автори од Европа и пошироко, книжевни средби, читања, разговори, поткасти и дебати.
Фестивалот го организира издавачката куќа „Антолог“, а годинава во Скопје ќе гостуваат Јап Робен од Холандија, Елој Морено од Шпанија, Лилјана Коробка од Молдавија и Романија, Мартина Видаиќ од Хрватска, Гузел Јахина од Казахстан и Саша Бронвасер од Холандија. Во програмата се вклучени и повеќе од 30 македонски автори и учесници.
Како добитничка на наградата „Букстар 2026“, претходно во Скопје гостуваше Леа Ипи.
Букстар почнува со средба со средношколци и саем на европската литература
Програмата денеска започнува во 13 часот во Театар Комедија, со средба на Елој Морено со средношколци. Од „Антолог“ информираат дека местата за настанот се веќе пополнети. Во 18 часот во „Лабораториум“ ќе бидат отворени 12. Саем на европската литература „Букстар“ и презентацијата на европскиот книжевен проект „EUREKA“. Во 18:30 часот следува дискусија посветена на технологијата и вештачката интелигенција.
Официјалното отворање на фестивалот е во 19:30 часот, со обраќање на писателката Оливера Ќорвезироска. Во 20 часот следува разговор со Елој Морено по повод објавувањето на неговата книга „Новото патување на Малиот принц“. Настанот ќе биде достапен и со превод на знаковен јазик.
Од слободата до меморијата и загубата
На 29 септември, во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи книжевното читање „Чуму слободата?“, на кое ќе учествуваат странски и македонски автори. Вечерната програма во „Лабораториум“ носи нови изданија на поткастот „Антологџии“, како и разговори посветени на историјата, личната меморија, загубата и сеќавањето.
Последниот фестивалски ден, 30 септември, ќе започне во „Europe House Skopje“ со настан посветен на Марџан Сатрапи. Во 19 часот во „Лабораториум“ ќе се одржи средба со писателката Гузел Јахина, по што фестивалот ќе заврши со дебатата „Бестселерот (не) може да биде голема литература“. Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен.
Фото: Антолог