Чифте амам отвора изложба што ја спојува етнографијата и уметноста

Во Старата скопска чаршија од 16 април публиката ќе може да погледне 52 дела од колекцијата на Националната галерија, инспирирани од животот во Македонија кон крајот на 19 и во првата половина на 20 век.

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија в четврток, на 16 април во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“. Станува збор за проект што ги поврзува етнологијата и ликовната уметност, преку толкување на етнографските елементи во дела создадени кон крајот на 19 и во првата половина на 20 век.

На изложбата ќе бидат претставени вкупно 52 дела од колекцијата на Националната галерија, меѓу кои и дела што не биле често изложувани пред пошироката јавност. Според најавата, станува збор за творби од истакнати македонски и балкански автори, инспирирани од животот во Македонија во поинакви историски и општествени времиња.

Од Националната галерија посочуваат дека и самиот простор на Чифте амам му дава посебна димензија на целиот проект, затоа што овозможува делата да се почувствуваат поавтентично и да ја доближат атмосферата на едно друго време. Изложбата ќе трае помалку од три недели.

Автор на изложбата е Александар Ристевски, а соработник и автор на текстот во каталогот е м-р Владимир Таневски. Според објавата на Националната галерија, проектот доаѓа и во момент кога Ристевски од 1 април 2026 година е избран за директор на Музејот на Македонија, па изложбата има и симболична димензија на професионално заокружување на неговиот ангажман во оваа институција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни