ChatGPT воведува реклами во Европа: Од понеделник милиони корисници ќе гледаат огласи во разговорите

ChatGPT од 24 август воведува реклами во 31 европска земја. Еве кој ќе ги гледа, кој ќе биде поштеден и зошто ЕУ внимателно го следи потегот на OpenAI.

Милиони корисници на ChatGPT во Европа од понеделник за првпат ќе почнат да гледаат реклами во разговорите со четботот. OpenAI од 24 август го проширува својот рекламeн програм на уште 31 европска земја. Со новото проширување, рекламите на ChatGPT ќе бидат достапни на вкупно 40 пазари во светот.

OpenAI првично започна со тестирање реклами во САД во февруари годинава, а програмата потоа беше проширена и во Канада, Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија, Мексико, Бразил, Јапонија и Јужна Кореја.

Кој ќе гледа реклами?

Рекламите ќе се појавуваат само кај корисниците на Free и Go плановите, односно кај најевтините нивоа на услугата. Корисниците со Plus, Pro и Enterprise претплати нема да гледаат реклами.Од OpenAI велат дека рекламите ќе им овозможат на компаниите „нов начин да допрат до луѓето додека активно истражуваат, споредуваат и донесуваат одлуки“.

Компанијата истовремено уверува дека рекламите ќе бидат јасно означени и одделени од одговорите на ChatGPT.

OpenAI: Рекламите нема да влијаат врз одговорите

OpenAI тврди дека разговорите остануваат приватни и дека податоците на корисниците не се продаваат на огласувачите. Компанијата исто така наведува дека рекламите нема да влијаат врз одговорите што ги дава ChatGPT.Корисниците ќе можат да ја контролираат персонализацијата на рекламите, а оние кои воопшто не сакаат реклами ќе можат да изберат поскапи планови без огласи.

Сепак, воведувањето реклами предизвика критики уште од самиот почеток.Во јануари 2026 година, американскиот сенатор Ед Марки испрати писмо до Сем Алтман и до директорите на уште шест технолошки компании, предупредувајќи дека рекламите во AI четботите би можеле да ја искористат емоционалната поврзаност што корисниците ја развиваат со овие системи.

Особено прашање е како ќе се спречи таргетирање на реклами врз основа на чувствителни разговори, како оние за здравје, ментално здравје или политика.

Што ќе каже ЕУ?

Европското воведување на реклами отвора и сериозни регулаторни прашања. Европскиот AI Act забранува одредени системи што користат потсвесни или намерно манипулативни техники, како и оние што ги искористуваат ранливостите на луѓето на начин што може да предизвика значителна штета.

Истражувачи и организации за заштита на потрошувачите предупредуваат дека рекламите во разговор со AI може да бидат потешки за препознавање како форма на убедување. За разлика од класичен банер или спонзориран резултат во пребарувач, рекламата во персонализиран разговор се појавува во истото разговорно опкружување во кое корисникот ги добива советите од четботот. Досега вакви реклами не биле целосно тестирани од европските регулатори или судовите.

Уште еден проблем за OpenAI

Покрај AI Act, Европската унија разгледува и прашање поврзано со Законот за дигитални услуги (DSA). Европската комисија проценува дали функцијата за пребарување на ChatGPT треба да биде прогласена за многу голем онлајн пребарувач. Таков статус се активира доколку услугата надмине 45 милиони месечни корисници во ЕУ.

Доколку ChatGPT биде опфатен со оваа категорија, OpenAI ќе се соочи со значително построги обврски, вклучително и годишни проценки на ризикот, независни ревизии, јавен регистар на реклами и поголема транспарентност кон регулаторите. Така, од следната недела ChatGPT не само што ќе стане дел од секојдневието на милиони европски корисници туку за првпат ќе стане и нова рекламна платформа во Европа.


е-Трн да боцка во твојот инбокс