Претставата „Бог на колежот“ вечерва, 9 септември, со почеток во 19:30 часот, ќе биде изведена во рамките на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Станува збор за наградувана копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, работена по мотиви од светски познатата драма „Бог на масакрот“ („God of Carnage“) од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска.
Претставата преку судирот на две семејства ги отвора прашањата за ранливоста на човековата природа, распадот на општествените вредности и границите на цивилизираното однесување. Во текот на 90 минути, публиката е вовлечена во интензивна приказна во која постепено исчезнуваат општествените маски и излегуваат на површина потиснатите конфликти.
Во актерската екипа се Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов и Наталија Теодосиева, заедно со млади таленти од актерската школа на Весна Петрушевска. „Бог на колежот“ во Струмица пристигнува со значаен фестивалски успех. Претставата ја освои Гран при наградата за најдобра претстава на 28. МТФ „Денови на комедија“ во Куманово, додека првенецот на МНТ Ѓорѓи Јолевски ја доби наградата за најдобар актер.
Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ се одржува од 8 до 13 септември, а гостувањето на „Бог на колежот“ е дел од програмата на втората фестивалска вечер.