Битолскиот театар ја заокружи сезоната со осум премиери, меѓународни гостувања и раст на публиката

НУ Народен театар Битола успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 со нови премиери, бројни гостувања во земјата и странство, меѓународни соработки и значително зголемен интерес од публиката.

Во сезоната премиерно биле изведени 8 претстави, репризно одиграни 177, а бројот на посетители достигнал 34.311. Во споредба со сезоната 2024/2025, бројот на репризно одиграни претстави е зголемен за 27 проценти, додека бројот на посетители е зголемен за 37 проценти.

„Кориолан“ на Охридско лето и светска премиера во Верона

Последната премиера за оваа сезона, „Кориолан“ по делото на Шекспир, во режија на Џон Блондел, беше претставена во рамките на драмската програма на 66. Охридско лето.

Веднаш потоа, Битолскиот театар го потврди меѓународниот успех и со светската премиера на Verona Shakespeare Fringe Festival, каде што ја претстави македонската театарска сцена пред публика и театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија.

Во текот на сезоната НТБ реализираше премиери од современа светска и домашна драматургија: „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски, „Секстет“ од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, „Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, како и „Пламенка“ од Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Гостувања во земјата и странство

Битолскиот театар гостуваше и на фестивалот „Бабелфаст“ во Трговиште, Романија, со претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски. Претставата претходно беше избрана за најдобра претстава на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

На ова гостување беше најавено и формирањето на Балканска асоцијација на театри и фестивали, иницијатива насочена кон продлабочување на културната соработка и размена во регионот. НУ Народен театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на оваа асоцијација.

Во Македонија, НТБ беше дел од јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ со претставата „Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски.

На сцената на Драмски театар Скопје, по повод 80 години од постоењето на институцијата, Битолскиот театар ја изведе претставата „Кокошка“ од Николај Кољада, во режија на Марјан Георгиевски. Претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, беше изведена на сцената на Македонскиот народен театар.

Следува и гостувањето со „Едмонд“ на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, во Подгорица, Црна Гора, на Festival of International Alternative Theatre – FIAT.

Меѓународни соработки и нови партнерства

Во рамките на сезоната се реализираше и соработка со Норвешка, преку приемот кај македонскиот амбасадор д-р Дритон Куќи во Осло за директорот на НТБ, Васко Мавровски, и актерката м-р Јулијана Мирчевска, претседателка на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ Македонија.

Сцената на НТБ беше домаќин и на еминентни театри и уметници од Македонија и странство. Меѓу гостувањата беа танцовата претстава „F_AI_LLE“ на групата K.Danse од Франција, реализирана во соработка со Францускиот институт во Скопје, Француската алијанса, Француското конзуларно претставништво и фестивалот ТАНЦ-ФЕСТ.

На сцената се одржа и деветтото издание на Џез фактори фестивалот, со уметници од Франција, Албанија, Австрија, Унгарија, Полска, Црна Гора, Србија и Македонија. Гостуваа и Сичуанската и Пекиншката опера, како дел од европската турнеја „Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“.

Партнерствата меѓу компаниите и Битолскиот театар продолжија и оваа година, меѓу кои соработката со Бимилк, официјализирана со договор меѓу директорот Васко Мавровски и маркетинг директорката на Бимилк, Полексена Јанкуловска. Меѓу партнерите се и СН Сервис и MAK BPO.

Пронајдена оригиналната завеса и најавена новата сезона

Меѓу значајните информации од сезоната е и пронаоѓањето на оригиналната завеса, подарок од српската кралица за тогашниот Битолски градски театар. Токму првата претстава на македонски јазик, „Ѓоре Магаревски“, се одвивала со таа црвена завеса зад актерите.

Битолскиот театар реализираше и соработка со македонскиот илустратор Михајло Димитриевски, кој оваа година се потпишува зад дизајнот на рекламниот материјал и визуелниот идентитет на дел од претставите.

Новата сезона НТБ ќе ја започне со „Господин Благородник“ од Молиер, во режија на Благој Мицевски. Следуваат „Ни треба пејачка“ од Кен Лудвиг, во режија на Ненад Витанов, и „Новогодишен сон“ од Јулијана Мирчевска, во нејзина режија. Во тек се и подготовките за „Битола Шекспир фестивал“, кој ќе се одржи во ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс