Вечерва, во рамки на празникот на градот Гевгелија „Вознесение Христово“, на покана на Општина Гевгелија и Домот на културата „Македонија“, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20 часот, ќе се изведе претставата „Табу република“ на кореографот Бобан Русески, во продукција и изведба на Скопје танцовиот театар.
Покрај Русески, кој е кореограф и режисер, во претставата учествуваат: со пијано изведба Ема Ананиевска, на теремин Ива Дамјановски, а визуелен уметник е Кристијан Јованоски. Костимите се на Благој Мицевски, а настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Анастасија Данчевска, Сара Цветковска и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“: Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Михаела-Анџела Глигорова, како и актерката Наталија Ристеска.
За претставата, Русески вели дека во „Табу република“ нема цензура. Таа се занимава со тематики на лицата од женскиот род, жената како родилка и носител на живот, потоа со лица со оштетен вид и слух, лицата со инвалидитет. Претставата се препорачува за лица над 16 години.

Бобан Русески е професионален танчер и кореограф, кој својата кариера ја гради настапувајќи со Скопје танцовиот театар. Оваа година компанијата за првпат продуцира негова кореографија под наслов „Табу република“. Со Скопје танцовиот театар Русески учествува на многубројни фестивали, како што се повеќегодишни настапи на „Танц фест Скопје“; „Share Festival“ во Братислава, Словачка; „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД; Интернационален фестивал за танц „Beijing Dance Festival“ во Пекинг, Кина; „Меритајм силк фестивал“во Чуанџо, Кина и др.
Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц.
Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаен како високо квалитетна компанија на светско ниво.