Љубителите на домашната кинематографија и ова лето ќе имаат можност бесплатно да гледаат македонски филмови на големото платно. Агенцијата за филм, во соработка со Cineplexx, го продолжува проектот „Македонски филм. На големо платно.“, кој и во текот на јули и август носи богата програма со проекции на домашни филмски остварувања.
Проекциите ќе се одржуваат секој понеделник од 19 часот во Cineplexx, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети.
Програмата за јули започнува на 6 јули со омнибусот „Скопје ремикс“, по што следуваат „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски (13 јули), блок кратки анимирани филмови составен од „Девојката што паѓа“, „Образец Б16“, „Неми филмови“, „Кружно патување на Марето“ и „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“ (20 јули), а месецот ќе заврши со филмот „Мими“ во режија на Дарјан Пејовски (27 јули).
Во август, публиката ќе може да ги проследи „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески (3 август), „Незаборавна пролет во едно заборавено село“ на Куштрим Бектеши (10 август), блокот кратки играни филмови „Еклер“, „Синиот час“, „Награда“ и „Имиња“ (17 август), „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска (24 август), а летната програма ќе биде заокружена со „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски на 31 август.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, истакна дека проектот има за цел да ја доближи македонската кинематографија до пошироката публика и да ја поттикне филмската култура.
„Драго ни е што преку проектот ‘Македонски филм. На големо платно.’ публиката има можност бесплатно да ги гледа македонските филмови во кино. Продолжуваме и во текот на јули и август со внимателно селектирана програма која опфаќа современи остварувања, омнибуси, кратки играни и анимирани филмови. Веруваме дека секоја проекција претставува нова средба меѓу авторите и публиката и придонесува кон развојот на филмската култура, охрабрувајќи ја публиката да го открива, препознава и поддржува македонскиот филм“, изјави Мицевски.
Проектот продолжува да ја афирмира домашната филмска продукција и да им овозможи на гледачите бесплатен пристап до современите македонски филмски остварувања во кино-сала.