Белгија одбива да ги чепне замрзнатите руски милијарди поради страв од правен хаос и дестабилизација на европскиот финансиски систем, потврди белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево по неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на Европската Унија во Ирска. Реакцијата на Брисел доаѓа откако Полска, Холандија, Шпанија и Шведска повторно побараа Брисел да најде правен механизам со кој блокираните финансиски средства на руската централна банка директно ќе се искористат за финансирање на Украина.
Иницијативата за ново отворање на дебатата за руските пари ја покренаа четири земји членки на Унијата. Холандија, Полска, Шпанија и Шведска изминатите денови испратија официјален предлог до европските партнери, барајќи конфискација или алтернативни модели за директна употреба на главнината од руските државни средства.
Нивните претставници го изнесоа барањето и на состанокот во Ирска, но обидот веднаш наиде на ѕид.
„Јасно го повторив ставот на Белгија кој не се менува веќе цела година. Причините за нашето противвење во меѓувреме не исчезнаа магично“, порача Прево во својата изјава по средбата.
Главниот товар од ваквата евентуална одлука паѓа токму врз Белгија, бидејќи најголемиот дел од руските државни резерви се наоѓаат замрзнати во меѓународниот депозитар „Еуроклир“ со седиште во Брисел. Белгиските власти предупредуваат дека секое посегнување по овие средства преку механизам што се сведува на конфискација носи ризик од сериозни тужби, реципрочни мерки врз европскиот имот во Русија и разнишување на довербата во европскиот финансиски систем.
За разлика од САД и источноевропскиот блок кои инсистираат на целосна заплена, Брисел досега прифаќаше исклучиво пренасочување на профитите од каматите, но не и чепкање во главнината.