Сирија го осуди пребеганиот Башар ал-Асад на смртна казна

Сирискиот суд ја изрече максималната, смртна казна, за соборениот диктатор, неговиот брат Махер и поранешните безбедносни функционери.
Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Судот во Дамаск го осуди соборениот сириски претседател Башар ал-Асад на смртна казна во отсуство, прогласувајќи го за виновен за убиства, мачење и произволни апсења за време на речиси 14-годишната војна во земјата. Ова е прва осудителна пресуда во Сирија против Асад по неговото паѓање од власт во декември 2024 година, по што тој доби азил во Русија.

Судијата на рочиштето во Дамаск изрече смртна казна за Асад под обвинение за „предумислено убиство на повеќе лица и деца, мачење, произволно апсење и злосторства против човештвото“.

Истата казна во отсуство му беше изречена и на неговиот брат Махер ал-Асад, кој раководеше со Четвртата оклопна дивизија, единица одговорна за насилното сузбивање на протестите, преземањето територии и илегалното производство и трговија со дрога.

Заедно со нив, на смрт беше осуден и Атеф Наџиб, поранешен безбедносен функционер во провинцијата Дера. Наџиб, кој е братучед на Асад, беше уапсен во раните месеци на 2025 година и беше единствениот обвинет на кој му се судеше со физичко присуство во судницата.

По објавувањето на пресудите, граѓаните во Дамаск и во јужната провинција Дера излегоа на улиците, носејќи слики од жртвите и од уапсените за време на конфликтот. Меѓу нив беше и сликата на Хамза ал-Кхатиб, 13-годишното момче чиешто убиство под тортура во 2011 година стана симбол на народниот бунт.

Сепак, правните експерти предупредуваат дека ваквата пресуда може да го попречи екстрадирањето на пребеганите функционери во матичната земја.

„Постои огромен проблем, а тоа е дека ниту една држава нема да предаде криминалец на земја што изрекува смртна казна. Ова го затвора патот Асад и многу други да бидат испорачани на Сирија. Ова е перформативна, а не транзициска правда“, изјави Анвар ал-Буни, раководител на Сирискиот центар за правни студии и истражувања.

Башар ал-Асад дојде на власт во 2000 година по смртта на неговиот татко Хафез ал-Асад. Неговото владеење беше дефинирано со сузбивањето на демократските протести во 2011 година, што прерасна во долготрајна граѓанска војна со стотици илјади жртви.

Владиниот режим падна кон крајот на 2024 година по брзата офанзива предводена од бунтовничките сили, со што заврши повеќедецениското управување на неговото семејство со Сирија. Асад моментално се наоѓа во Русија, каде што му беше одобрен хуманитарен азил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс