Грција ќе побара официјално објаснување од Украина за воениот морски дрон што беше пронајден кај Лефкада, откако грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас изјави дека веќе е утврдено оти пловилото е од украинска технологија. Тој случајот го оцени како „екстремно сериозен“ и најави дека ќе го отвори прашањето пред украинскиот министер за одбрана на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
Дронот бил откриен минатата недела во морска пештера кај Лефкада, откако локален рибар го забележал и го одвлекол до пристаништето Василики. Потоа пловилото било префрлено во воена база за анализа, а грчките специјалисти ги неутрализирале експлозивните компоненти. Според досегашните информации, станува збор за беспилотно површинско пловило од типот што се користи за напади врз бродови.
Првичните проценки го поврзуваа дронот со украинските поморски системи од типот Magura, кои Киев ги користи во војната против Русија, особено за напади врз руски воени и поморски цели. Дендиас сега оди чекор понатаму, тврдејќи дека грчките власти знаат дека пловилото е украинско, но засега нема јавно објаснување од Киев како и зошто дронот завршил во грчки води.
За Атина, случајот не е само технички инцидент или случајно насукување на непознато пловило. Грција предупредува дека ваков дрон со експлозив може да ја загрози безбедноста на пловидбата, особено во земја со голем островски простор, туристички брег, активни пристаништа и важни морски рути кон Италија и Медитеранот.
Ситуацијата е дипломатски чувствителна бидејќи Грција, како членка на ЕУ и НАТО, ја поддржува Украина во одбраната од руската агресија, но истовремено не може да игнорира појава на вооружен систем во нејзини води. Според дел од анализите, една од можните насоки на истрагата е дали дронот бил поврзан со операции против бродови од руската „сенковита флота“, но тоа засега останува претпоставка.
Грчката позиција засега е внимателна, но јасна: Атина не отвора јавен судир со Киев, но бара одговори и го носи случајот на европска маса. Воен дрон со експлозив во близина на туристички остров не е инцидент што може да се затвори без објаснување, особено кога ја допира безбедноста на пловидбата и стабилноста во Медитеранот.