Со проекција на пет наградени остварувања во преполнетиот Амфитеатар во Струмица заврши 21. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, коешто годинава се одвиваше под мотото „Со отворени очи“. На фестивалот беа прикажани 20-тина кусометражни филмови, а главната награда Гран при за најдобар краток филм ѝ припадна на македонско-романската копродукција „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски.
Фестивалската програма започна со свечено отворање од градоначалникот Петар Јанков, по што лауреатката Синоличка Трпкова ја прими наградата „Астер“ од претседателот на фестивалот и ја прочита својата беседа „Ода за уметникот“. Покрај натпреварувачкиот дел за куси филмови, публиката следеше и ревијална долгометражна програма со специјални проекции на „Версус: филмовите на Кен Лоуч“ на Луиз Осмонд, „Железна тврдина“ на Митко Панов, „Филм до вжештување“ на Дарко Баиќ и класикот „Жртвопринесување“ на Андреј Тарковски.
Жири-комисијата во состав Теа Китаришвили, Бернард Дичек и Ана Витанова-Рингачева едногласно ги додели официјалните признанија. Наградата Златна потковица замина кај чешко-македонско-британската копродукција „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова. Сребрената потковица ја освои данскиот филм „Душа птица“ на Тобијас Кампан, додека со Бронзената потковица се закити Маријам Бакачо Хачвани за грузискиот филм „Земјата на мажити“.
Признанието „Ацо Алексов“ за најдобар режисер го доби Елвира Барбоза за францускиот филм „Франсин, исток-запад“, а наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ му припадна на Бранко Костески за македонскиот краток филм „Остров“. Специјални признанија добија јужнокорејскиот „Разденување“ на Хе-о Парк и бугарскиот „Оџачарот“ на Настимир Цачев.
Најголем број гласови од публиката освои канадскиот филм „Девојчето што ронеше бисери“ на оскаровците Крис Левис и Мациек Шчербовски. Нововоспоставената награда за најдобра женска улога „Зора Георгиева“ ѝ припадна на британската актерка Софи Томпсон за улогата во филмот „Нешто бесмислено“.
Покрај филмските проекции, фестивалот организираше и Тивериополска филмска посета на Манастирот во Велјуса, промоција на филмска литература и авторски средби со публиката. Овогодишното издание на „Астерфест“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Македонија и Општина Струмица.