Фудбалската репрезентација на Аргентина со многу мака обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство, откако дури по продолженија со 3:2 ги совлада Зеленортските Острови. Избраниците на Лионел Скалони беа големи фаворити, но мораа да вложат огромен напор за да избегнат сензационална елиминација. Во осминафиналето Аргентина ќе се соочи со Египет.
Аргентина доминираше во поседот на топката уште од почетокот, а првата сериозна шанса ја имаше Лионел Меси во 15. минута, кога шутираше покрај голот. Само три минути подоцна се закани и од слободен удар, но голманот Возиња беше сигурен. Водството пристигна во 29. минута. Лисандро Мартинез испрати долга топка до Меси, кој одлично ја прими и рутински погоди за 1:0.
Зеленортските Острови се вратија во игра
Иако се очекуваше Аргентина лесно да го приведе мечот кон крај, следуваше изненадување. Во 59. минута Мендеш му асистираше на Дуарте, кој прецизно стрелаше за 1:1. Меси потоа имаше неколку одлични можности повторно да ја донесе предноста, но Возиња беше на висина на задачата. Во финишот Аргентинците бараа и пенал поради игра со рака, но судијата не покажа на белата точка.
Драма во продолженијата
Аргентина повторно поведе веднаш на стартот од продолженијата. Во 93. минута, по корнерот на Меси, Алексис Мак Алистер ја продолжи топката, а Лисандро Мартинез со силен удар реализираше за 2:1. Сепак, Зеленортските Острови не се предадоа. Во 103. минута Лопеш Кабрал постигна спектакуларен гол за ново израмнување – 2:2.
Победничкиот погодок падна во 111. минута. Повторно по корнер на Меси, Кристијан Ромеро беше највисок во шеснаесетникот и со удар со глава ги постави конечните 3:2. Во последните минути Зеленортските Острови имаа дури три одлични шанси да изборат пенали, но не успеаја да ги искористат.
Аргентина така по голема борба обезбеди место меѓу најдобрите 16 селекции, каде што ја очекува дуел со Египет.