Apple неодамна најави промени со кои ги намалува дел од надоместоците за програмерите и овозможува поголема употреба на алтернативни продавници и начини на плаќање. Компанијата ја укинува таканаречената Core Technology Fee, но воведува нова провизија од 5 проценти за дигиталните трансакции во апликации дистрибуирани надвор од App Store.
Токму оваа провизија е една од причините за новиот конфликт со Epic.
„Законот јасно пропишува дека Apple мора да им овозможи на програмерите да ги упатуваат корисниците на веб за купување без надомест и да овозможи ефикасно користење на конкурентските продавници“, порача Epic Games.
Од компанијата сметаат дека новите услови на Apple и понатаму го прекршуваат Актот на ЕУ за дигитални пазари (DMA) и предупредуваат дека, доколку Европската комисија ги прифати, законот ќе стане „бесмислен“. Apple, пак, покрај провизијата од 5 проценти, предвидува и други надоместоци. Провизијата за купувања во апликациите во ЕУ ќе падне од 30 на 26 проценти, додека за одредени програмери, меѓу кои и оние со автоматско обновување на претплати, ќе изнесува 15 проценти.
Epic особено ги критикува и провизиите од 10 или 15 проценти за плаќања преку поврзани веб-страници. Промените на Apple треба да стапат во сила на 1 октомври, но спорот со Epic покажува дека битката околу правилата на App Store во Европа далеку од завршена.