Апнејата во сон е нарушување при кое за време на спиењето доаѓа до кратки прекини на дишењето. Иако е почеста отколку што многумина мислат, често останува непрепознаена бидејќи најголем дел од симптомите се случуваат додека лицето спие.
Гласното ’рчење е еден од најпознатите знаци, но постојат и дневни симптоми кои може да укажуваат на апнеја и поради кои е важно да се побара лекарски совет.
Зошто апнејата не треба да се игнорира
Апнејата во сон може да го зголеми крвниот притисок, а се поврзува и со поголем ризик од невролошки проблеми, бидејќи повторените прекини во дишењето го намалуваат дотокот на кислород до мозокот.
Дијагнозата не е секогаш лесна, особено кај луѓе кои спијат сами и не знаат дека во текот на ноќта им се прекинува дишењето. Во поголем ризик се мажи, постари лица и лица со прекумерна телесна тежина.
Ноќните симптоми може да вклучуваат гласно ’рчење, будење со чувство на гушење и немирен сон. Но, и телото преку ден може да испраќа јасни сигнали.
1. Постојан умор
Еден од најчестите дневни симптоми на апнеја во сон е постојан умор или исцрпеност.
Според д-р Суман Пол, специјалист за респираторни болести од Обединетото Кралство, повторените прекини на дишењето го нарушуваат сонот и го спречуваат телото да се одмори квалитетно.
„Најчестиот дневен симптом на апнеја е умор или исцрпеност“, вели и д-р Брук Џад, раководителка на одделот за медицина на спиењето во Dartmouth Health.
Понекогаш поспаноста може да биде толку силна што човек може да заспие среде разговор или додека вози, но симптомите не мора секогаш да бидат толку очигледни.
2. „Мозочна магла“ и слаба концентрација
Чест симптом е и таканаречената „мозочна магла“. Таа може да се појави како тешкотија со концентрација, заборавеност, забавено размислување или чувство дека човек не може јасно да се фокусира.
Недостатокот на квалитетен сон ја отежнува комуникацијата меѓу невроните и го забавува делот од мозокот важен за фокус, планирање и донесување одлуки.
Дури и една непроспиена ноќ може да влијае врз когнитивните функции, а последиците се поизразени кога лошиот сон се повторува од ноќ во ноќ.
3. Утрински главоболки
На апнеја во сон може да укажуваат и главоболки наутро.
Д-р Пол објаснува дека тие може да бидат предизвикани од комбинација на недостиг на кислород и испрекинат сон. Кога дишењето накратко престанува, нивото на кислород во крвта паѓа, а јаглеродниот диоксид се зголемува.
Тоа може да доведе до ширење на крвните садови околу мозокот и зголемен притисок во черепот. Според организацијата Sleep Apnea, меѓу 10 и 30 проценти од луѓето со апнеја во сон имаат утрински главоболки.
4. Висок крвен притисок
Покачениот крвен притисок исто така може да биде поврзан со апнеја во сон.
Кога во текот на ноќта дишењето е нарушено, доаѓа до привремен пад на кислородот и зголемување на јаглеродниот диоксид, што може нагло да го покачи крвниот притисок.
Токму поврзаноста меѓу апнејата и хипертензијата е една од причините зошто ова нарушување треба навреме да се препознае и лекува. Високиот крвен притисок го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, срцев и мозочен удар.
5. Намален либидо
Апнејата во сон може да биде поврзана и со намалена сексуална желба.
Според д-р Пол, ако некој забележи пад на либидото, еден од можните фактори може да биде нарушениот сон. Истражувањата покажуваат дека комбинацијата од недостиг на кислород и лош квалитет на сон може да влијае врз либидото и кај мажи и кај жени, а кај мажите може да придонесе и за еректилна дисфункција.
Дали недостигот на воздух преку ден е симптом?
Бидејќи апнејата во сон се дефинира како прекин на дишењето за време на спиењето, многумина се прашуваат дали чувството на недостиг на воздух преку ден може да биде знак за ова нарушување.
Според д-р Пол и д-р Џад, тоа најчесто не е случај. Недостигот на воздух преку ден почесто се поврзува со други состојби, како астма, хронична опструктивна белодробна болест, воспаление на белите дробови, срцева слабост или рак на белите дробови.
Како се поставува дијагноза?
Ако постои сомнеж за апнеја во сон, лекар може да препорача испитување на спиењето, односно полисомнографија.
Д-р Џад објаснува дека тестирањето не може да се направи додека лицето е будно. Во зависност од типот на тестот, се следи протокот на воздух, евентуални пречки во дишењето и кратки падови на нивото на кислород.
Ако дијагнозата се потврди, лекарот најчесто препорачува CPAP уред – медицински апарат кој со воздушен притисок ги одржува дишните патишта отворени за време на спиењето.
Иако на почетокот е потребно привикнување, подобриот сон и намалувањето на ризикот од други здравствени проблеми може да го оправдаат почетниот напор. Според д-р Пол, многу пациенти по почетокот на терапијата се чувствуваат значително поенергично, а дневните симптоми може да се намалат или исчезнат.