Изложба „Homo archīvālis“ на Анастасија Саздовска во Паркот на Франкофонијата

Изложбата „Homo archīvālis“ во Мобилната галерија ги трансформира традиционалните балкански симболи во современ визуелен јазик на отпор.

Центарот за современи уметности Скопје утревечер во 20:00 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата ја отвора самостојната изложба „Homo archīvālis“ на уметницата Анастасија Саздовска. Проектот претставува истражување на традиционалните балкански тетоважи и македонските народни везови, реконтекстуализирани преку дигитални колажи и дела во комбинирана техника кои го третираат женското тело како телесна архива на колективната меморија.

Насловот на изложбата „Homo archīvālis“ е авторска кованица од латинските зборови homo (човек) и archīvālis (архивски), со која Саздовска го дефинира човекот како телесна архива на записи. Инспирацијата произлегува од традиционалното тетовирање на Балканот и богатата орнаментика на македонскиот вез. Овие мотиви не се третирани како декорација, туку како историски форми преку кои заедниците го изразувале својот идентитет, верувања и припадност во услови на ограничувања.

Основниот фокус на проектот е ставен врз улогата на жената како главен чувар и пренесувач на оваа традиција. Согледано низ современа дигитална и комбинирана ликовна техника, женското тело станува простор во кој се зачувуваат вредностите на заедницата. Преку овие визуелни записи, изложбата го истакнува историскиот отпор и зачувувањето на достоинството на колективот.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс