Американските власти запленија над 600 дронови во близина на стадионите на Светското првенство

Американските власти запленија повеќе од 600 дронови што нелегално летале во близина на стадионите и навивачките зони за време на Светското првенство. За прекршителите се предвидени казни до 100.000 долари.

Американските безбедносни служби запленија повеќе од 600 дронови кои нелегално летале во близина на стадионите и навивачките зони од почетокот на Светското првенство на 11 јуни, соопшти американската Управа за безбедност во сообраќајот (TSA).

Во деновите кога се играат натпревари, забрането е користење на какви било летала, вклучително и дронови, во радиус од три наутички милји (околу 5,5 километри) околу стадионите и до височина од 914 метри, освен со специјално одобрение од контролата на летање.

Според Федералното истражно биро (ФБИ), дронови биле запленети во сите 11 американски градови домаќини на Мундијалот.

Најмногу запленети во Мајами

Најголем број случаи се регистрирани во Мајами, каде што биле запленети 130 дронови, додека во Далас биле конфискувани повеќе од 70 за време на пет натпревари. Федералната управа за воздухопловство (FAA) забрани летови со дронови над стадионите и навивачките зони низ целата земја. За навивачките собири важи забрана во радиус од една наутичка милја (околу 1,85 километри) и до височина од 300 метри.

Казни до 100.000 долари

Од ФБИ предупредуваат дека операторите кои без дозвола ќе влезат во забранетиот воздушен простор може да се соочат со парични казни до 100.000 американски долари, кривични пријави и конфискација на дронот. За дополнителна безбедност, околу стадионите се распоредени специјални тимови кои откриваат и неутрализираат неовластени дронови.

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2025 година потпиша извршна наредба за зајакнување на одбраната од опасни дронови, а Министерството за внатрешна безбедност постави нови системи за нивно откривање и неутрализирање, особено долж границата меѓу САД и Мексико.

Властите потсетуваат дека и во изминатите години биле регистрирани повеќе инциденти со дронови за време на големи спортски настани, поради што безбедносните мерки на Светското првенство годинава се дополнително засилени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс