Американскиот носач „Џералд Р. Форд“ го напушта Сплит и тргнува кон Карибите

По неколкудневен престој во Сплит, најголемиот воен брод на светот, USS Gerald R. Ford, го напушти Јадранот и тргна кон Карибите, каде што ќе се приклучи на новата американска поморска операција за борба против организираниот криминал и трговијата со дрога.

Одлуката за пренасочување ја донесе американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, како дел од поширока стратегија на масовно воено присуство на САД во регионот, пренесува „CNN“.

Според соопштението на Пентагон, целта на овој потег е да се „размонтираат транснационалните криминални организации и да се спречи наркотероризмот“ во карипскиот појас. Високиот претставник на американското министерство за одбрана, Шон Парнел, потврди дека ударната група што ја предводи „Џералд Р. Форд“ ќе биде распоредена во наредните денови, откако ќе ја помине растојанието од повеќе од 8.000 километри меѓу Сплит и Карибите.

Овој гигант на морето, долг повеќе од 330 метри и висок 76 метри, претставува најсовремен носач на авиони изграден досега. За неговата изградба се потрошени над 12,8 милијарди долари, плус уште 4,7 милијарди за истражување и развој, а може да прими до 75 воени летала и екипаж од 4.500 лица.

„Џералд Р. Форд“ носи најнапредни модели авиони како F-35C Lightning II, F/A-18E/F Super Hornet, извидувачки E-2D Advanced Hawkeye и повеќе типови хеликоптери и беспилотни летала. Овој носач е првиот во новата генерација на американски носачи на авиони и е дизајниран за работа со идните генерации летала, при тоа овозможувајќи поголема ефикасност и пониски трошоци за одржување.

Неговото заминување од Сплит предизвика внимание бидејќи посетата на хрватското пристаниште беше само втора по ред – првата се случи во 2023 година. Иако според официјалните извори пристигнувањето било дел од редовните активности на Шестата флота на САД, новиот курс кон Карибите ја открива пошироката геополитичка динамика.

Според извештаите, американската администрација на претседателот Доналд Трамп во последно време ја засилува својата воена активност во близина на Венецуела, што аналитичарите го толкуваат како притисок врз режимот на Николас Мадуро. Иако официјалниот Вашингтон тврди дека станува збор за антинаркотична операција, се шпекулира дека зад потегот стои и поширока стратегија за слабеење на венецуелската влада.

Министерот Хегсет потврди дека САД веќе извеле ноќен напад врз брод во Карибите за кој се верува дека го користел наркокартел, при што загинале шест лица. Со тоа, бројот на уништени бродови во рамките на операцијата што започна минатиот месец се искачи на десет, а бројот на елиминирани лица на 43.

Од ангажманот на најмоќниот носач на авиони во светот станува јасно дека Вашингтон го проширува опсегот на своето влијание, не само преку демонстрација на сила, туку и преку симболичен потег со кој испраќа порака дека американската морнарица е подготвена за интервенција на секој дел од светот – од Јадранот до Карибите.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс