Соединетите Американски Држави го потресоа трансатлантскиот сојуз во петокот кога Пентагон официјално потврди дека повлекува 5.000 војници од Германија – најконкретниот чекор досега во намалувањето на американското воено присуство на европскиот континент. Одлуката дојде по јавен спор помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц за војната во Иран, и претставува сериозен сигнал дека Вашингтон е подготвен да ги преиспита своите воени обврски кон НАТО сојузниците.
Според податоците на американскиот Одбранбен центар за податоци за човечки ресурси (DMDC) од декември 2025 година, САД имаат приближно 68.000 активни воени лица трајно распоредени во европски бази. Оваа бројка не ги вклучува ротациските сили испратени во рамки на операции за распоредување и воени вежби. Американските сили се распоредени во 31 постојана база и уште 19 воени локации до кои Министерството за одбрана има пристап, покажува извештај на Конгресот.
Највисока концентрација на американски сили постои во Германија, каде во декември 2025 биле стационирани дури 36.436 активни воени лица. Воздухопловната база Рамштајн, во употреба уште од 1952 година, претставува најголемата американска база во Европа. На второ место е Италија со 12.662 војници сместени во бази во Виченца, Авиано, Напол и Сицилија, а следи Велика Британија со 10.156 припадници на воздухопловните сили. Шпанија, сместена стратешки близу Гибралтарскиот теснец, брои 3.814 трајно распоредени лица.
Во источниот дел на Европа, поблиску до руската граница, американското присуство е помало по број, но стратешки значајно. Полска брои 369 трајно доделени активни војници, но и околу 10.000 припадници на ротациски сили финансирани преку Европската иницијатива за odvраќање. Романија располага со 153 трајно доделени војници и пристап до клучни воздухопловни бази, додека Унгарија уdomува 77 трајно доделени лица во базите Кечкемет и Папа.
Повлекувањето на 5.000 војници од Германија го поставува прашањето: дали ова е почеток на поголемо американско повлекување од Европа? Месеци наназад, Вашингтон јавно критикуваше европските сојузници дека не прават доволно за да ги поддржат САД во Иран и да се погрижат за сопствената безбедност. Европскиот командант на американските сили (USEUCOM) ги координира операциите со НАТО преку шест команди (копнена армија, морнарица, воздухопловство, маринци, специјални операции и вселенски сили ), но иднината на таа соработка сега е под знак прашање.