Амазон снима документарна серија за Меланија Трамп по неуспехот на скапиот филм

По документарниот филм „Melania“, кој и покрај големата инвестиција доби слаби критики, Amazon подготвува нова документарна серија за првата дама на САД. Според најавите, серијата ќе понуди подлабок увид во нејзиниот приватен и јавен живот.

Amazon MGM Studios работи на нова документарна серија посветена на Меланија Трамп, која треба да биде прикажана оваа есен. Проектот доаѓа само неколку месеци по објавувањето на документарниот филм „Melania“, кој иако оствари солиден старт во кината, доби претежно негативни оценки од филмските критичари. 

Според советникот на Меланија Трамп, Марк Бекман, новата серија ќе понуди „целосно поинаков поглед“ на животот на поранешната и актуелна прва дама. Во неа ќе бидат обработени нејзината улога во Белата куќа, семејниот живот, кариерата, како и хуманитарните активности, со значително повеќе детали отколку во претходниот филм. 

Документарниот филм „Melania“, режиран од Брет Ратнер, беше објавен на почетокот на 2026 година и го следеше периодот непосредно пред второто претседателско стапување на должност на Доналд Трамп. Иако филмот привлече публика и забележа силен викенд на отворање, критичарите му дадоа многу ниски оценки, оценувајќи дека не нуди доволно длабок увид во личноста на Меланија Трамп. 

Според медиумските извештаи, Amazon вложил десетици милиони долари во продукцијата и промоцијата на филмот, а токму тоа дополнително го зголеми интересот за неговиот комерцијален и критички прием. Новата документарна серија треба да ја прошири приказната и да прикаже аспекти од животот на Меланија Трамп кои досега не биле опфатени.

Серијата ќе биде достапна преку платформата Prime Video, а точниот датум на премиерата сè уште не е објавен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс