Од Македонија до светските сцени:

Александар Галоски, Македонецот што го слушаат David Guetta и Swedish House Mafia

Александар Галоски зборува за својот пат од македонската електронска сцена до поддршка од светски ѕвезди како David Guetta и Swedish House Mafia. Во интервјуто открива како изгледа моментот кога твоја трака се пушта на Tomorrowland, што навистина значи успехот во музичката индустрија и зошто кариерата на еден продуцент е повеќе маратон отколку среќа.

Александар Галоски е едно од најпрепознатливите имиња од новата генерација македонски електронски артисти со сè поизразено интернационално присуство. Со поддршка од светски ѕвезди како David Guetta и тестирања на негови траки на сцената на Tomorrowland од страна на Swedish House Mafia, тој полека, но сигурно се позиционира во глобалната DJ и продуцентска елита.

Во интервјуто за нашата редакција, Галоски зборува за патот од домашната сцена до светските фестивали, за реалноста зад „overnight success“ приказните, за улогата на контактите и маркетингот во музичката индустрија, како и за тоа што навистина ги издвојува најуспешните артисти во електронската музика.

Од Ибица до Токио, од студио до главните сцени на фестивалите, тој открива како изгледа животот на еден модерен продуцент кој истовремено е и артист и човек зад кулисите на индустријата.

Трн: Дејвид Гета ја пушти „To The Beat“ уште вечерта кога излезе. Колку денес ваквата поддршка реално влијае на кариерата на еден продуцент, а колку е само престиж?

Галоски: Поддршката од Дејвид Гета за мене не е само престиж, туку и потврда за континуитет. Повеќе од една деценија имам негова поддршка, и кога некој на тоа ниво следи и пушта твоја музика низ толку долг период, тоа значи дека си успеал да преживееш повеќе фази и промени во електронската музика.

Сцената постојано се менува, звукот се менува, трендовите се менуваат. Да останеш релевантен низ сите тие промени е многу важно за еден артист и продуцент. Секако, ваквата поддршка носи и престиж, но реално помага и во кариерата, особено кога станува збор за настапи надвор од Македонија и за тоа како те перцепира интернационалната индустрија.

Трн:  Mинатата година Swedish House Mafia тестираа твоја песна на Tomorrowland. Какво е чувството првпат да слушнеш дека нешто што си го создал во студио се пушта пред десетици илјади луѓе?

Галоски: Нереално чувство. Посебно кога станува збор за артисти кои сум ги гледал како еден вид идоли и голема инспирација. Таа песна им ја испратив истиот ден кога имаа настап на Tomorrowland. Беше околу пладне. Вечерта јас исто така имав настап и во еден момент добив гласовна порака од нивниот тогашен менаџер. Минута подоцна ми стигна видео снимено директно од Tomorrowland, од позади сцена, каде што ја пуштаат песната.

Тоа е момент што тешко се опишува со зборови. Нешто што си го направил во студио, сам, одеднаш го слушаш на еден од најголемите фестивали во светот. Еден час по нивниот настап ми пишаа дека сакаат да ја потпишат песната за нивната издавачка куќа. За еден артист, тоа е огромна потврда.

Трн: Многу луѓе мислат дека успехот во електронската музика е само добра песна. Ти работиш и како маркетинг директор во индустријата. Што е потешко денес: да направиш добра музика или да стигнеш до вистинските луѓе?

Галоски: И двете се тешки, но мислам дека најголемата разлика ја прави комбинацијата. Добрата песна е основата, без тоа не може. Но, денес не е доволно само да имаш добра песна ако таа не стигне до вистинските луѓе.

Мрежата, контактите и кругот на луѓе играат огромна улога, не само во музиката, туку и во секој друг бизнис. Кога си опкружен со добри продуценти, артисти, менаџери и луѓе од индустријата, учиш многу побрзо. Истовремено, добиваш и подобро чувство за тоа каде припаѓа твојата музика и како да ја претставиш. Но, тоа не доаѓа преку ноќ. Треба желба, упорност, трпение и многу работа. Контактите помагаат, но ако музиката нема квалитет, тие контакти нема да те носат долго.

Трн: Што е најголемата заблуда што ја имаат младите продуценти од Балканот за тоа како функционира светската музичка индустрија?

Галоски: Најголемата заблуда е дека сè се случува брзо и преку ноќ. Однадвор често изгледа како некој одеднаш да успеал, но зад тоа обично има години работа, одбивања, промени, пробување и многу моменти кога ништо не се случува.

Ова е маратон, не спринт. Треба истрајност. Исто така, голема заблуда е дека некој менаџмент или тим може да направи ѕвезда од тебе ако немаш квалитет, идентитет и работна навика. Тимот може да помогне, но артистот мора да има нешто свое.

Трн:   Имаш работено директно или индиректно со повеќе од 80 артисти од светскиот врв. Што е заедничко за најуспешните луѓе во индустријата?

Галоски: Најуспешните луѓе во индустријата најчесто се многу професионални, директни и прецизни. Знаат што сакаат, знаат како да комуницираат и многу го почитуваат времето на другите. Друго што сум го забележал е дека сите соработуваат. Дури и кога има несогласувања, почитта останува. Тоа е многу важно. Индустријата е голема, но во исто време и многу мала.

И можеби најинтересно, најголемите суперѕвезди најчесто се многу нормални луѓе. Без непотребно его. Луѓето кои се навистина големи во тоа што го прават, најчесто немаат потреба постојано да го докажуваат тоа.

Трн:  Во последните години настапуваше во Токио, Бангкок, Барселона, Ибица… Дали публиката сè уште реагира различно од град до град или глобалната електронска сцена станува сè повеќе иста? 

Галоски: Секој град има свој вајб и своја енергија. Тоа се чувствува дури и во Македонија, од град до град, а уште повеќе кога настапуваш надвор. Публиката реагира различно, има различни навики и различни моменти во кои прифаќа одреден звук. Азиската сцена, на пример, е доста поинаква од европската. Има друга енергија, друг пристап кон ноќниот живот и друга реакција на музиката.

Глобалната сцена е поврзана повеќе од кога било, сите слушаат слични артисти и следат слични трендови, но локалниот карактер сè уште постои. Тоа е и убавината на настапите во различни земји.

Трн:  Ибица и понатаму ли е центарот на електронската музика или денес постојат повеќе „центри“?

Галоски: Ибица дефинитивно останува еден од најважните центри на електронската музика. Има историја, култура, клубови, резиденции и публика што доаѓа од целиот свет. Но, денес има повеќе центри. Америка има свој пазар, свој звук и свои ѕвезди, кој во многу моменти се разликува од европската сцена. Азија исто така веќе со години гради силна сцена и се гледа дека има сериозен напредок.

Мислам дека денес електронската музика не зависи само од едно место. Ибица е симбол, но сцената е глобална.

Трн:  Каде ја гледаш својата кариера за пет години – како артист, како продуцент или како човек што ги поврзува двете страни на индустријата?

Галоски: Мислам дека веќе ги имам споено тие две страни. Галоски е артист, диџеј и продуцент, но во исто време сум и човек кој секојдневно работи зад сцената со изданија, артисти и кампањи на интернационално ниво.

Во следните пет години се гледам со уште посилни изданија, поголеми соработки и уште поголемо присуство на светската сцена. Еден од моите лични таргети е да стигнам и до издание на некоја од издавачките куќи што навистина ги почитувам, како што е Solomun, но најважно ми е секој следен чекор да биде природен и квалитетен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс