Во Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 7 мај 2026 година ќе се одржи јавна лекција насловена „Our Cooperative Life“, во организација на архитектонскиот колектив STEALTH.unlimited.
Предавањето ќе го водат Ана Џокиќ и Марк Неелен, кои ќе зборуваат за нивното долгогодишно искуство со заедници низ Европа кои развиваат алтернативни модели на домување, енергетска самодоволност и кооперативно финансирање. Настанот е закажан за периодот од 12:00 до 13:30 часот и е дел од проектот „City as a stage: Urban utopias“, поддржан од Гете-институт Скопје и швајцарската програма „Culture for Development“.
Според организаторите, фокусот на предавањето е на развој на „кооперативен живот“ како одговор на растечките станбени и социјални предизвици во современите градови.
Дуото STEALTH.unlimited, основано во 2000 година во Белград и Ротердам, е познато по истражување на урбаните процеси „под радарот“ и развивање проекти кои ги поврзуваат архитектурата, социјалните практики и еколошките системи.
Во својата работа тие се фокусираат на нови форми на заедничко живеење, енергетска независност и креирање алтернативни урбани наративи кои ги надминуваат класичните модели на градско планирање.