Возачите што денес патуваат низ Србија треба да сметаат на влажни коловози, снег и можност од поледица. Иако се очекува постепено престанување на врнежите, на дел од патиштата снегот и натаму се задржува, а на поединечни делници има и до 10 сантиметри снежна покривка, соопшти Автомото-сојузот на Србија (АМСС).
Најотежнати услови се очекуваат во ридско-планинските предели, на превоите и мостовите, каде ниските температури и засилениот ветер можат да предизвикаат голомразица и снежни наноси. На возачите им се препорачува да тргнуваат со соодветна зимска опрема, да ја приспособат брзината и да одржуваат поголемо растојание.
Снег на патиштата кон западна и јужна Србија
Според податоците на зимската служба на јавното претпријатие „Патишта на Србија“, снег до пет сантиметри има на повеќе делници од автопатот А5, меѓу Кошеви, Трстеник, Врњачка Бања и Прељина, како и на делови од патот А2 меѓу Паковраќе и Лучани.
Снежни наноси се евидентирани и на патиштата во околината на Ивањица, Ужице, Пожега, Сјеница, Нови Пазар и Нова Варош. На одделни делници во околината на Сурдулица и на патот кон граничниот премин Стрезимировци има од пет до 10 сантиметри снег. Коловозите се влажни, а на дел од патиштата снегот е расквашен. Посебно внимание се препорачува во клисурите и на нестабилните карпести косини во околината на Заечар, каде што се забележуваат одрони.
Камионите чекаат два часа на Шид
Според податоците на Управата на граничната полиција, добиени во 5:15 часот, товарните возила на граничниот премин Шид чекале околу два часа за излез од Србија. На другите гранични премини нема подолги задржувања, а нема чекање ниту на наплатните станици на автопатиштата.
АМСС апелира возачите да не тргнуваат на пат без зимски гуми и подготвено возило, особено ако патуваат низ планинските предели. Ниските температури може да создадат поледица и на делници каде што снегот веќе престанал да паѓа.
