АфД со историски рејтинг во Саксонија-Анхалт, Левицата и ЦДУ во можен сојуз

Помалку од еден месец пред изборите, Левицата во Германија најавува соработка со конзервативците за да се спречи доаѓањето на екстремната десница на власт.
Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Раководството на германската партија Левица е подготвено да го направи досега незамисливото во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт: да ја поддржи Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за да го спречи доаѓањето на власт на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Предстојните покраински избори носат рекорден рејтинг за АфД, што ги принудува идеолошки спротивставените политички сили да размислуваат за прагматични коалиции.

Копретседателот на Левицата, Штефан Либих, изјави дека партијата ќе искористи сè што е во нејзина моќ за да го спречи АфД да формира влада во Саксонија-Анхалт. Според анкетите, АфД ужива рекордна поддршка во оваа источна покраина, што го прави најсилна поединечна политичка опција.

Ако ЦДУ на актуелниот премиер Рајнер Хазелоф биде единствениот бедем што може да го запре АфД, Левицата е подготвена да понуди поддршка за малцинска влада или дури да влезе во поформална соработка, иако двете партии традиционално важат за лути ривали.

Оваа најава претставува драматичен пресврт во германскиот политички простор. ЦДУ со години одржуваше строго правило да не формира коалиции ниту со АфД ниту со Левицата. Но, математиката во источна Германија го прави тој став речиси неодржлив.

Ако АфД освои над 30 проценти од гласовите, а традиционалните партии од центарот забележат пад, формирањето стабилно мнозинство без учество на Левицата или АфД станува практично невозможно.

Изборите во Саксонија-Анхалт се сметаат за клучен тест за политичката стабилност во источниот дел на земјата. Доколку се оствари сценариото за соработка меѓу десниот центар и левицата, тоа ќе биде првпат во модерната историја на Германија овие две партиски опции директно да се обединат со единствена цел – да се задржи екстремната десница надвор од властите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс