Двата најпријателски града во Европа се од Португалија, а на листата нема град од Балканот

Читателите на едно од најпознатите туристички списанија ги избраа најпријателските градови во Европа, а првите две места ги освоија два португалски града. Порто победи со разлика помала од еден процентен поен. На листата од 15 градови нема ниту еден од Македонија ниту од Балканот.

Кој и да ја посети Португалија, се враќа со сличен впечаток: сè е опуштено, архитектурата е прекрасна, а атмосферата е некако посебна. Двата најголеми португалски града, Лисабон и Порто на северот, ги освојуваат патниците, а тоа го потврди и најновиот избор на читателите на реномираното туристичко списание „Конде Наст Травелер“. Списанието објави листа на 15 најпријателски градови во Европа, а првите две места ги зазедоа токму овие два града.

Порто е прв со 98,33 отсто, а Лисабон втор со 97,60 отсто, што значи разлика од само 0,73 процентни поени. Бројките го покажуваат просечното задоволство на читателите што учествуваа во изборот на годинешните награди „Избор на читателите“. На листата нема ниту еден град од Македонија, а нема ни град од Балканот.

Во образложението за победата, списанието ги издвојува пастелните куќи покрај реката Дору и атмосферата на град што делува помалку дотерано и поавтентично. Порто е и единствениот град меѓу првите пет што не е главен град на својата земја. Од горното ниво на железниот мост Луиш I најдобро се гледа како реката го обликувала градот. На едниот брег се куќите од населбата Рибеира, збиени меѓу водата и стрмните улици на старото јадро, а на другиот се винските визби на градот Вила Нова де Гаја.

Историското јадро на Порто, мостот Луиш I и манастирот Сера до Пилар се на листата на светското наследство на УНЕСКО од 1996 година. Обиколката најдобро е да ја започнете од железничката станица Сао Бенто, дури и ако не патувате со воз. Во нејзиното предворје има околу 20.000 керамички плочки, наречени азулежуш, на кои се прикажани сцени од португалската историја и секојдневието. Оттаму вреди да се искачите на барокната кула Клеригуш, од која погледот се шири преку покривите сè до реката.

Од Рибеира, преку мостот Луиш I, се стигнува до Вила Нова де Гаја, каде што може да посетите некоја од винските визби. Ако останете во Порто уште едно утро, започнете го меѓу тезгите на пазарот Бољао и оставете време за кафе во центарот. Туристите не ја пропуштаат франсезињата, градски класик што се јаде со вилушка и нож. Меѓу парчињата леб има месо и колбас, а сендвичот се служи покриен со растопено сирење и прелиен со лут сос.

Во Лисабон, списанието ги издвојува фадото, кремастите колачиња паштеиш де ната и, пред сè, луѓето. Ритамот на градот најдобро се чувствува наутро, на кафе во некоја од населбите на лисабонските ридови, каде што соседите се собираат на еспресо. Во јуни, за прославите на свети Антониј, дружењето се сели на улиците и плоштадите, а по стрмните улици навечер се танцува на отворено.


Португалија помина добро и во посебниот избор на истото списание за најпријателски европски земји, каде што го зазеде третото место. На листата на градови, по двата португалски града следуваат Амстердам, Стокхолм и Валета. Целата листа на 15 најпријателски градови во Европа изгледа вака:

  1. Порто, Португалија – 98,33 %
  2. Лисабон, Португалија – 97,60 %
  3. Амстердам, Холандија – 97,50 %
  4. Стокхолм, Шведска – 96,67 %
  5. Валета, Малта – 95,00 %
  6. Единбург, Шкотска – 94,55 %
  7. Виена, Австрија – 91,43 %
  8. Краков, Полска – 91,43 %
  9. Палма, Шпанија – 90,00 %
  10. Гранада, Шпанија – 88,57 %
  11. Џенова, Италија – 88,18 %
  12. Корк, Ирска – 88,05 %
  13. Париз, Франција – 87,46 %
  14. Рим, Италија – 87,38 %
  15. Рејкјавик, Исланд – 87,14 %

е-Трн да боцка во твојот инбокс