Изложеноста на екрани на возраст од една и од шест години има најсилна поврзаност со полошиот училишен успех и послабата работна меморија во подоцнежното детство, покажува новата долгорочна студија на истражувачи од францускиот институт „Инсерм“ и Националниот универзитет во Сингапур. Анализата објавена во списанието „Ворлд џурнал оф педијатрикс“ (World Journal of Pediatrics) опфатила 502 деца следени од првата до десет и пол години и потврдува дека периодот на изложеност е еднакво важен како и вкупното време поминато пред екран.
Истражувачкиот тим ги анализирал податоците од сингапурската кохорта „ГУСТО“ (GUSTO – Growing Up in Singapore Towards healthy Outcomes), каде што родителите го пријавувале времето кое нивните деца го поминувале пред екран на шест различни возрасни точки од првата до осмата година. Потоа, научниците го мереле училишниот успех на децата на деветгодишна возраст, а нивната работна меморија на десет и пол години. Резултатите покажале дека децата со поголема изложеност на екрани во раното детство конзистентно постигнувале послаби резултати години подоцна.
Најсилните негативни ефекти биле забележани кај децата кои повеќе гледале во екран на едногодишна возраст. Авторите на студијата наведуваат дека раниот доенечки период претставува прозорец на зголемена чувствителност, кога мозокот во развој е особено ранлив на истиснувањето на директните интеракции за учење преку користење екрани.
Податоците донеле и неочекуван наод во однос на возраста помеѓу втората и шестата година. Иако користењето екрани на две и на три години не покажало статистички значајна поврзаност со подоцнежните когнитивни исходи, негативните асоцијации повторно се појавиле на шестгодишна возраст, односно во периодот кога децата започнуваат со формално образование.
„Големината на ефектите што ги видовме на возраст од една година беше најголема меѓу сите временски точки што ги испитавме. Бевме изненадени кога видовме дека додека употребата на екрани на две и три години не покажа значајни врски, поврзаностите повторно се појавија на шест години, кога децата тргнуваат на училиште. Значи, не станува збор само за најраните години – употребата на екрани подоцна во детството сè уште има влијание“, изјавија авторите на истражувањето.
Досегашните научни докази за влијанието на екраните врз когнитивниот развој често беа неусогласени бидејќи повеќето студии ги набљудувале децата само во еден временски момент или се фокусирале исклучиво на ученици. Оваа студија ги надминува тие ограничувања преку повеќекратни мерења низ различни развојни фази и земање предвид на семејните и околинските фактори. Покрај специфичните критични возрасти, податоците потврдиле дека и децата со поголема вкупна изложеност на екрани низ целото детство генерално имале послаб успех на училиште.
Наодите се во согласност со актуелните упатства на Светската здравствена организација (СЗО) и Американската академија за педијатрија. Двете институции препорачуваат целосно избегнување на екрани кај деца помали од 18 до 24 месеци и ограничување на гледањето на помалку од еден час дневно за деца на возраст од две до пет години.
Истражувачите посочуваат дека еден дополнителен час дневно пред екран можеби нема да предизвика веднаш видлива штета кај секое поединечно дете, но на ниво на целата популација дури и скромните поместувања можат да турнат значителен број деца кон послаби академски постигнувања. Авторите додаваат дека идните студии треба да ги испитаат и квалитетот на содржината, видот на уредот и заедничкото гледање со родителите, а јавните здравствени мерки за намалување на времето пред екран треба да започнат уште во доенечкиот период и да се засилат при поаѓање во училиште.
