Западот ги открил своите вистински намери откако Русија ја започнала, како што Москва ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој ја изнесе оценката пред учесниците на програмата „Дијалог за иднината“, организирана од Фондацијата за јавна дипломатија „Горчаков“, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
„Тоа што моравме да ја започнеме специјалната воена операција го натера Западот да ги открие своите вистински намери“, рече Лавров.
Лавров тврди дека Европа има планови за Украина
Рускиот министер оцени дека Европа секојдневно ги објавува своите планови, се подготвува за војна и истовремено бара итен прекин на огнот во Украина.
„Во исто време велат дека по прекинот на огнот нема да има долгорочно решение. Сакаат да ги запрат борбите само за веднаш потоа да можат да ги распоредат своите воени единици и да воспостават воени бази во Украина. Воопшто не го кријат тоа“, додаде Лавров.
Тој нагласи дека, и покрај ваквите наводни планови, европските држави и понатаму бараат да учествуваат во преговорите што се водат меѓу Русија, САД и Украина.
