Вештачката интелигенција е новото оружје на насилниците: Деца се уценуваат со лажни експлицитни фотографии

Особено загрижувачка е злоупотребата на вештачката интелигенција за креирање сексуално експлицитни фотографии на кои се прикажани деца, иако фотографиите не се вистински
Фото: Слика генерирана со ВИ

Вештачката интелигенција сè повеќе се злоупотребува за креирање лажни експлицитни фотографии од деца, кои злоупотребувачите ги користат за уценување и принудување на жртвите да испраќаат вистински фотографии.

Абида Пехлиќ, претседателка на мостарското здружение „Нови пут“ од Босна и Херцеговина, предупреди за оваа загрижувачка форма на дигитално насилство. Како што објасни таа за агенцијата ФЕНА, насилството меѓу децата повеќе не е ограничено само на училишните ходници и училници, туку сè повеќе се случува на социјалните мрежи, каде што сторителите се кријат зад лажни профили, што го отежнува нивното откривање.

Особено загрижувачка е злоупотребата на вештачката интелигенција за креирање сексуално експлицитни фотографии на кои се прикажани деца, иако фотографиите не се вистински. Според Пехлиќ, сторителите им испраќаат такви фотографии на децата и се закануваат дека ќе ги објават доколку жртвите не им ги испратат нивните вистински фотографии.

Децата, особено помладите, честопати попуштаат на притисокот, по што следуваат понатамошни уцени и вознемирувања.

Проблемот е што дигиталното насилство може да трае долго по првиот инцидент. Фотографиите, видеата и навредливите пораки продолжуваат да се шират меѓу врсниците, оставајќи сериозни последици по психолошкото здравје на децата.

Децата на возраст од 10 до 16 години се најранливи

Според искуствата на здружението „Нови пут“, жртви на врсничко насилство најчесто се деца на возраст меѓу 10 и 16 години.

Пехлиќ истакнува дека психолошкото насилство е почесто од физичкото насилство во случаите со кои се среќава здружението. Насилството често се случува во групи, каде што индивидуалните деца учествуваат поради притисок од врсниците и сакаат да бидат прифатени.

Особено ранливи се децата без соодветна семејна поддршка, децата без родителска грижа и оние од семејства со понизок финансиски статус.

Како родителите можат да го препознаат проблемот?

Последиците од насилството не се секогаш веднаш видливи. Родителите треба да обрнат внимание на промените во однесувањето на децата, особено ако забележат:


  • Повлекување и избегнување на дружење
  • Страв од одење на училиште
  • Несоница, нервоза и анксиозност
  • Лош академски успех
  • Губење на самодовербата

Пехлиќ нагласува дека децата треба да бидат охрабрени веднаш да пријават насилство кај своите родители, наставници, тренери или други возрасни лица на кои им веруваат. Исто така, треба да бидат предупредени да не се вклучуваат во дискусии со анонимни сторители и да не испраќаат фотографии што би можеле да бидат злоупотребени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс