Привршува изборната кампања во Србија: Студентите најголема закана за СНС, чистки и откази во Н1

Додека кампањата за предвремените избори во Србија на 25 октомври влегува во последната недела, владејачката СНС доби поддршка од словачкиот премиер Роберт Фицо, студентското движење маршира кон Белград, а медиумската сцена ја потресоа оставки на 10 новинари на Н1.

Додека кампањата за предвремените избори во Србија на 25 октомври влегува во последната недела, владејачката Српска напредна партија (СНС) доби поддршка од словачкиот премиер Роберт Фицо, студентското движење продолжува со пешачките тури од целата земја кон завршниот митинг на 22 октомври во Белград, а медиумската сцена ја одбележаа отказите на 10 новинари на Н1, пишува хрватски Индекс.

Фицо го поддржа Вучиќ: Лидер со ’рбет

На собирот на напредњаците во петокот вечерта во Нови Сад, доскорешниот претседател на Србија и носител на листата на СНС, Александар Вучиќ, доби поддршка од словачкиот премиер Фицо, кој порача дека, покрај нивното лично пријателство, словачкиот народ ги цени српските пријатели „како скапоцено богатство“.

„Толку многу го ценам Александар“, рече Фицо, зборувајќи на српски јазик, и порача дека го поддржува Вучиќ бидејќи е „лидер со ’рбет“ и „заради интересите на својата земја знае да каже ’не‘ и тогаш кога другите бараат да мислиме и работиме исто“.

Вучиќ ги обвини студентите за злоупотреба на трагедијата во Нови Сад

Вучиќ во својот говор ги обвини учесниците во речиси двегодишните антивладини протести, кои по загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на новосадската железничка станица беа предводени од студенти кои бараа одговорност од власта, дека ја злоупотребиле трагедијата.

„За жал, некои ја искористија трагедијата за спроведување на својата политика… Сè што зборуваа, измислуваа и со злоупотреби ја манипулираа јавноста. Тоа е затоа што некои други однадвор ја водеа целата игра, бидејќи една тешка и голема трагедија, она што во политиката се нарекува ’црн лебед‘, ја искористија за напад врз цела наша Србија“, рече Вучиќ.

Студентското движење за предвремените избори ја кандидираше листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, која според анкетите на јавното мислење ќе биде најсериозниот ривал на владејачките напредњаци.

„Ќе им подадеме рака на нашите противници, ние ним нема да им се одмаздуваме за овие две години. Ќе им подадеме рака секогаш, но пред тоа ќе ги победиме во недела (25 октомври)“, рече Вучиќ и ги повика приврзаниците на победа на листата чиј носител е тој.

Студентите пешачат кон Белград, најавен голем собир

Опозициското движење „Крени-промени“ тврди дека митингот во Нови Сад го пренесувале 35 провладини телевизии, а според официјалната проценка на српското МВР, на собирот во Нови Сад СНС со автобуси од Војводина и Србија донела и собрала повеќе од 100.000 луѓе. Судејќи по коментарите на социјалните мрежи, повеќето новосаѓани не веруваат во полициската проценка.

Студентите во меѓувреме продолжуваат да собираат дополнителна поддршка за кандидатите на својата изборна листа со пешачки тури од Србија кон Белград, каде што за 22 октомври закажаа голем собир во завршницата на предизборната кампања.

Притисоци врз медиумите во пресрет на изборите

Изборната кампања ја одбележуваат и притисоци врз медиумите кои поради критичкото известување со години наназад се на удар на актуелната власт.

Новата управа на „Адриа њуз нетворк“ (ANN), која во август беше преземена од португалската компанија „Алпак капитал“ (Alpac Capital), во вторникот вечерта за главен уредник на порталот Nova.rs го постави Марко Стјепановиќ од провладиниот „Блиц“, што Европската федерација на новинари (EFJ) го оцени како „најнова епизода во бранот репресија во Србија“.

Новинарите на Nova.rs ја отфрлија понудата на управата во рок од 48 часа да одлучат дали ќе го прифатат новонаметнатото уредништво или ќе земат отпремнини и ќе си заминат, а сега се обидуваат да се спротивстават на настојувањата во системот за внесување вести на порталот (CMS) да им се одземат уредничките овластувања.

„Алпак капитал“, кој во Србија во пакет ги презеде кабелските телевизии N1 и Nova, порталот Nova.rs, како и дневниот весник „Данас“ и неделникот „Радар“, во меѓувреме воведува кадровски промени и во регионалните медиуми што се дел од ANN.

Десет познати новинари и водители ја напуштија N1

Додека се очекува продолжување на тој бран на чиј удар би можела да се најде и редакцијата на N1, во петокот беше потврдено дека 10 нивни угледни новинари и водители си дале отказ.

Редакцијата на N1 во соопштение објави дека „длабоко жали поради одлуката“ на десетте колешки и колеги „да се откажат од заедничката цел да го сочуваме она што го градевме 12 години“.

„Патот го продолжуваме одвоено и тоа ни ја отежнува борбата, но нема да се откажеме од професионалните и морални начела кои отсекогаш нè водеа“, објави N1 на својот портал.


Надоврзувајќи се на претходните предупредувања на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) дека со преземањето на медиумите се сака да се стави под контрола делот од српскиот медиумски пазар што не е под влијание на власта, генералниот секретар на EFJ, Рикардо Гутиерез, истакна дека Србија, според неговата оцена, е несомнено земја во која во текот на изминатите месеци е забележан најголем пад на слободата на медиумите во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс