Единаесеттото издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова вечерва, 14 октомври, свечено се отвора во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар со филмот „3 недели подоцна“ на српскиот режисер Мирослав Терзиќ.
Филмот отвора тешки прашања за врсничкото насилство, загубата и одговорноста. Приказната следи група тинејџери чија училишна екскурзија тргнува наопаку. Отсечени далеку од дома, тие повторно се соочуваат со неодамнешното самоубиство на нивен соученик, а на површина излегуваат нарушени односи, поделени лојалности и тајни.
За Терзиќ, провокацијата во филмот има смисла кога го поттикнува гледачот да размислува за сопствената позиција.
„Кога велам дека сакам да ја провоцирам публиката, не мислам на провокација заради самата провокација. Повеќе ме интересира филмот малку да ја наруши сигурноста со која влегуваме во приказната, за да нè натера да се преиспитаме за сопствената позиција и одговорност“, вели режисерот.
Тој додава дека не сака филмови што однапред му кажуваат на гледачот што треба да чувствува и каков заклучок да изведе. Токму во просторот за преиспитување ја гледа и врската меѓу својот филм и фестивалот.
„Ако Киненова бара филмови што оставаат трага и продолжуваат да живеат во гледачот и по проекцијата, тогаш сметам дека ‘3 недели подоцна’ природно се вклопува во таа категорија“, истакнува Терзиќ.
Годинашното издание на Киненова се одржува под мотото „На прво светло“, а со изборот на филмот за отворање во фокус ги поставува младите и тешките општествени прашања за кои е потребен отворен разговор.
