Вирална расправија ги подели луѓето: Дали облеката треба да се пере по секое носење?

Навиката да се пере облеката по секое, па дури и најкратко носење, е доста раширена, но тоа често не е потребно. Дебатата за тоа колку често облеката навистина треба да се става во машина за перење неодамна предизвика бројни реакции на интернет, а препораките на експертите покажуваат дека одредени парчиња можеме да ги носиме повеќепати пред да завршат во корпата за валкани алишта.

Сето тоа започна со објава на еден корисник која стана вирална: „Индустријата за детергенти ги убеди луѓето дека мора да ја перат облеката по само едно носење. Доста е со тоа. Проширете ги видиците“, стои во објавата што собра повеќе од 1,4 милиони прегледи и ги подели мислењата.

Еден корисник детално го образложи својот став: „Не ја перам облеката по секое носење и не ги разбирам луѓето што го прават тоа. Маица, фармерки или дуксер носам три до четири пати, освен ако не се испотам, не истурам нешто врз нив или не попримат непријатен мирис. Нема да ставам совршено чиста облека во машина само затоа што била на мене шест часа. Освен тоа, постојаното перење го уништува квалитетот на материјалот“. Тој додаде дека единствено долната облека ја пере по секое носење.

Друг корисник смета дека облеката во која се излегува од дома мора да се испере по едно носење, додека онаа за по дома може да се облече повеќепати. Трет се пошегува со коментар: „Проверката со мирис е бесплатна, трае три секунди и никогаш не ме изневерила“. Дел од корисниците наведоа дека поради живот во топли предели и зголемено потење мораат почесто да ја перат секоја гардероба постојано.

Здружението на потрошувачи „Which?“ објави водич со препораки за тоа колку често треба да се пере секое парче облека. Според нивните насоки, долната облека, опремата за вежбање и костимите за капење треба да се перат по секое носење. Маиците со кратки ракави и белата облека се препорачува да се перат по едно до две носења, а фустаните по едно до три.

Организацијата „Consumer Reports“ наведува дека пижамите треба да се перат по три до четири ноќи спиење. Клиниката во Кливленд („Cleveland Clinic“) препорачува перење на градниците по две до три носења, иако зачестеноста зависи и од тоа колку личноста се поти, бидејќи пречестото перење може брзо да ги оштети еластичните влакна и да ја наруши формата.

Од друга страна, некои парчиња облека може да се носат значително подолго пред перење. Според препораките на „Which?“, горните делови од тренерките и дуксерите може да се носат пет до шест пати, додека зимските палта е доволно да се исчистат еднаш до двапати во сезона. Фармерките е доволно да се перат дури по шест до десет носења, освен ако претходно не се извалкаат или не добијат непријатен мирис, бидејќи пречестото перење ја забрзува загубата на бојата и го кине тексасот.

Од здружението напоменуваат дека е важно да се најде рамнотежа меѓу хигиената и зачувувањето на облеката. „На пример, ако имате егзема и сакате да избегнете иритација на кожата предизвикана од бактерии, почестото перење може да биде важно за вас. Сепак, ако алиштата ги перете пречесто, тие пократко ќе ви траат“, порачуваат експертите.

Рич Хендел од „Consumer Reports“ предупредува и дека перењето на потешки и почувствителни парчиња заедно создава дополнително триење, поради што почувствителните ткаенини побрзо се оштетуваат. „Едноставното правило е да се перат слични работи заедно: крпи со крпи, фармерки со фармерки, а долна облека со долна облека. Слични бои и слични ткаенини одат заедно“, заклучува Хендел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс