На 16 септември 1970 година, во џез-клубот „Рони Скотс“ во Лондон, Џими Хендрикс за последен пат во животот стоел на сцена. Не станувало збор за закажан концерт, туку за неочекувано и неформално качување на сцената, каде што му се придружил на својот пријател Ерик Бурдон и бендот „Вор“ во нивниот втор сет од настапот. Помалку од 48 часа подоцна, на 18 септември 1970 година, Хендрикс починал на 27-годишна возраст.
Според книгата „Hendrix: The Final Days“ на Тони Браун, Бурдон и Хендрикс се сретнале неколку дена претходно, а Бурдон го поканил да им се придружи на сцената на 15 септември. Кога Хендрикс се појавил во клубот таа вечер, бил премногу нестабилен на нозе за да свири, па Бурдон му рекол да се врати следната вечер.
„Очите му беа широко отворени и бели“
Наредната вечер, на 16 септември, Хендрикс повторно се појавил, овој пат со гитарата веднаш подготвена за свирење. Гитаристот на „Вор“, Хауард Скот, подоцна раскажал дека го забележал Хендрикс во публиката, со неговиот „Стратокастер“ веќе во рацете, со очи „широко отворени и бели“, целосно подготвен да свири.
Бурдон, во својата автобиографија „Don’t Let Me Be Misunderstood“, напишал дека кога Хендрикс стапил на сцената за време на нивниот втор сет, публиката, типична за лондонската џез-сцена, првично се обидела да покаже рамнодушност, но набргу го проследила неговото појавување со аплауз.
„Mother Earth“ и „Tobacco Road“
Заедно со „Вор“, Хендрикс одсвирел проширени верзии на два кавера: блузот „Mother Earth“ на Мемфис Слим и „Tobacco Road“ на Џон Ди Лаудермилк. Бурдон подоцна опишал дека Хендрикс тогаш „летал“, а неговото присуство на сцената го поттикнало гитаристот на „Вор“, Хауард Скот, да свири подобро од кога било претходно. Скот подоцна изјавил дека тоа била „магична ноќ“, а тие двајцата „го расипувале местото“ наизменично со гитарски пасажи.
Два дена подоцна
На 18 септември 1970 година, Хендрикс починал по земање прекумерна доза од таблетите за спиење „Весапаракс“, при што задушувањето со повратената содржина било непосредната причина за смртта. Хауард Скот подоцна изјавил дека, штом наредната вечер дознале за смртта на Хендрикс, му паднало тешко сознанието дека тој бил последниот гитарист што свирел со него.
Настапот бил снимен аматерски од публиката, на касетофон, и со децении циркулирал само како бутлег-снимка со лош квалитет. Оригиналната лента подоцна била пронајдена и ремастерирана за документарецот „Ronnie’s“ од 2022 година, посветен на историјата на клубот „Рони Скотс“, каде што пошироката публика за првпат можела да ја слушне снимката во подобар квалитет.
Вреди да се напомене дека последниот целосен, закажан концерт на Хендрикс со својот бенд, составен од Били Кокс и Мич Мичел, се одржал десет дена порано, на 6 септември 1970 година, на фестивалот „Ајл оф Фемарн“ во Германија. Настапот во „Рони Скотс“, сепак, останува буквално последниот пат кога Хендрикс воопшто стоел на сцена.