Триесет и пет години по донесувањето на првиот Устав на независна Македонија, сè уште се соочуваме со прашањето колку навистина успеавме да ги изградиме демократските и правните темели на државата. Уставот ја постави рамката за граѓанско општество, поделба на власта и заштита на човековите права, но неговите вредности не секогаш станаа дел од политичката практика. Напротив, уставните решенија често се предмет на политички толкувања, компромиси и конфликти, додека институциите се соочуваат со недоверба и предизвици во остварувањето на својата улога.
Во разговор за Трн, проф. д-р Денис Прешова, вонреден професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, ги анализира пропуштените можности при создавањето на уставниот поредок во 1991 година и неговото менување во 2001 година, односот меѓу граѓанскиот концепт и национализмите, како и одговорноста на институциите во зачувувањето на уставноста. Разговараме и за тоа дали Уставниот суд ја исполнува својата улога на чувар на Уставот, зошто не смееме да го третираме Уставот како непроменлив документ и што значи да се изгради вистинска уставна култура.
ТРН: Ако го погледнеме првиот Устав од 1991 година од денешна уставноправна перспектива, кои би биле клучните решенија што ја дефинирале новата држава и дали оние кои го правеа Уставот успаа уште на почетокот да постават стабилна основа за демократска и правна држава? Дали она што го ставиле во текстот како концепт потоа се покажало издржливо?
Прешова: Најпрвин, благодарам за можноста да ги искажам своите ставови по повод 35 години уставност на независна Македонија, сега Северна Македонија. Обично сум критикувал затоа што по овој повод не се одбележува датумот 17 ноември и навистина ми е драго што имам можност да одговорам на вашите прашања, почнувајќи од ова поприлично сложено прашање. Тука најпрвин би се осврнал на прашањето колку можеме да очекуваме од Уставот.
Парафразирајќи го Русо, кој ја коментира власта во Полска некаде во периодот 1781–1782 година, тој всушност ни укажува дека дури и најсилниот, најдобриот устав нема да може многу да направи ако не завладее со срцата и главите на граѓаните, односно со нивните умови.
И во таа смисла треба да се перцепира и тоа што е направено од 1991 година, да не даваме судови од типот дали е добар или лош и слично, туку дали го издржал тестот на времето. Од таа перспектива можеме да кажеме дека навистина се покажало дека поставил демократска основа, особено во поприлично комплексниот политички, но и безбедносен контекст – мораме да бидеме искрени – во кој се пишуваше самиот Устав. Тука се и кратките рокови што беа на располагање, што само по себе носи ризик од правење одредени грешки, и фактот дека меѓу оние што иницијално го пишуваа текстот и нацрт-верзијата на Уставот немавме професори по уставно право, што од аспект на уставноправната техника со себе носи одредени недостатоци.
Но во основа, ако погледнеме, Бадентеровата комисија го оцени како позитивен. Сè уште се водиме според тој Устав, со серија амандмани, односно измени, така што го издржа тестот на времето и во таа смисла можеме да констатираме дека успеа да постави некаква основа.
Но, како што почнав, прашањето е што може да очекуваме и колку се големи очекувањата од самиот Устав во таа формална смисла, односно како може Уставот да завладее со срцата и умовите на граѓаните. Во превод, како може да се создаде основата за лојалност и верност кон Уставот и кон вредностите што ги промовира. И во таа смисла, дали Уставот успеа да овозможи изградба на демос за демократија во нашата држава.
Тука веќе имаме одредени резерви и тоа не е прашање само на уставниот дизајн и на институционалната структура, многу повеќе е прашање на правната и политичката култура, на демократската зрелост. Особено ако знаеме дека имавме ситуација во која старото вино се проточи во нови шишиња, односно имавме нов Устав, но имавме институционален континуитет, а тоа често се заборава. Институциите што беа последни во социјалистичкиот период всушност веднаш преминаа и станаа институции под новата уставна рамка, која требаше да овозможи систем што ќе се изгради на либерално-демократски вредности.
И во таа смисла може да се забележи одреден институционален и правен континуитет. Ако искористам уште една метафора, тоа е како да дадете нова алатка на мајстори кои ги знаат само старите техники. Во таа смисла имаме ограничени очекувања, односно ограничен домет на тој Устав, колку навистина можеше да оствари во тој период, па дури и до ден-денеска, бидејќи гледаме дека дел од тој континуитет, иако незабележано, се провлекува и до ден-денеска. Така што, во таа насока би бил и мојот одговор.
ТРН: Во еден ваш труд „Македонскиот уставен (не) патриотизам“ кој го спомнавте претходно, зборувате за пропуштените можности на Уставот. Веројатно тие пропуштени можности, како што кажавте, се провлекуваат низ целиот овој период. Кои се тие решенија што не се донесени, односно што тогаш беше пропуштено да се стави, а подоцна како лавина повлече други работи?
Прешова: Да, интересно, тоа е трудот што е напишан по повод десет години од Охридскиот рамковен договор и дваесет години уставност од независноста. Тој зборува за дилемата дали можеме да зборуваме за македонска верзија на уставен патриотизам.
Уставниот патриотизам како теорија на која јас се осврнувам е нешто поразлично од она што кај нас знае да се користи, а што е превез за одреден либерален национализам, кој подразбира постоење на една доминантна етничка култура или структура како предуслов за постоење или стабилноста на една држава.
Наспроти тоа, она на што сакам да укажам и алудирам како пропуштена можност во 1991 и во 2001 година е токму прашањето на граѓанскиот концепт во преамбулата како еден симболичен, но битен аспект за државата. Тоа беше еден од клучните компромиси и отстапувања од иницијалната, драфт-верзијата на Уставот до она што на крајот излезе како конечна верзија. Во таа смисла, и денеска можеме да забележиме, особено во сегашниот контекст, а поприлично е забележливо, дека двата доминантни националистички наративи одат спротивно на интересите на државата, барем онака како што јас ги перципирам и замислувам низ таа граѓанска призма и призмата на уставниот патриотизам, кој не ги исклучува етничките идентитети, туку ги врамува во граѓански концепт базиран на вредностите што ги промовира самиот Устав и околу кои, како што спомнав претходно, не успеавме да создадеме лојалност, оддаденост или верност на граѓаните.
Тоа се тие пропуштени можности кои, за жал, гледаме дека уште ни се провлекуваат. Тоа е, на пример, сфаќањето за титуларни нации, за етнички ексклузивитети. Од друга страна, тоа се прашањата детерминирани од тој друг вид национализам, кој ретко алудира на некаква социјална кохезија или на оддаденост кон одредени вредности. Така што го гледаме тој судир и таа пропуштена можност алудира токму на тоа.
ТРН: Колку политичките судири од тоа време, кои траат и денес, влијаеле на донесувањето на Уставот и на неговите измени? Колку Уставот треба да биде допирлив за политичките притисоци и компромиси?
Прешова: Видете, прво треба да сфатиме дека има неколку елементи во прашањето. Прво, треба да забележиме дека иницијално тие компромиси беа во основа исклучиви, во смисла дека имавте една структура која претставува една четвртина од популацијата и населението, која не учествуваше во изгласувањето на самиот Устав, што беше одреден сигнал, според мене и аларм, дека нешто не е во ред.
Тогашниот контекст беше појава на поприлично голем националистички бран, особено оној што доаѓа од север, и беше континуитет на она што се случуваше особено во втората половина на осумдесеттите години, особено во смисла на амандманите од 1989 година на претходниот Устав од 1974 година, кои во голема мера избришаа и отстранија дел од правата на националностите, односно на етничките заедници.
Така што, тоа не е нешто што почна во 1991 година, туку само продолжи и доби нова форма, која требаше да биде базирана на друг тип вредности, каде што отвореноста кон правата на оваа категорија луѓе требаше да биде уште поизразена, а не стекнатите права, без оглед колку тие биле практикувани во претходниот систем, поради различни причини да бидат отстранети, укинати.
Во еден таков контекст веќе имате иницијална аномалија. И заради тоа, иако можеме да кажеме дека секој процес на пишување устави подлежи на ваков тип политички компромиси, дека мора да имате одредена репрезентативност и во рамките на Уставот, не можете да правите компромиси со основните постулати на тоа што треба да претставува Устав, а тоа се основните вредности. Односно, треба да обезбедите некаков базичен консензус во однос на тие вредности.
Ако ги немате, тие ќе ви се провлекуваат и ќе ви прават одредени проблеми понатаму. Така што, во таа смисла треба да се перципираат и да се гледа на политичките компромиси. Ако забележите, и сега имаме прашања на политички компромиси во актуелните прашања поврзани повторно со правата на етничките заедници, со употребата на јазикот, со таканаречените бугарски амандмани, а промената на преамбулата одново се отвора како прашање.
Јас, за разлика од некои, во однос на преамбулата можеби имам малку поинаков став, во смисла дека можеби причината што одново се бара отворање на преамбулата лежи во тоа што тука ние сме згрешиле нешто. И во трудот што го спомнавте претходно посебно упатувам на преамбулата како едно од прашањата, а тоа што беше отстапка и можеби единствената покрупна промена од она што иницијално беше договорено со Охридскиот рамковен договор, во анексот А, во контекст на преамбулата.
И ако ја погледнете преамбулата, ако забележите дека формулациите што се додадени по Охридскиот рамковен договор во собраниска процедура отстапуваат дури и од правописот на македонскиот јазик, и ако знаете дека Уставот изобилува со одредена симболика, тогаш ќе знаете што подразбирам јас под пропуштените шанси и прилики и зошто сега одново се отвора прашањето на додавање нови етнички заедници или делови од народи, како што се користи изразот во преамбулата, кој не кореспондира со нормативниот текст, и барањето да се додадат нови делови од народи во самата преамбула.
Така што, понекогаш треба и посамокритично да гледаме на тоа што е направено како грешка. Дали ние, пред сè како политички елити, сме успеале и преку таа симболика и низ она што претставува политичка култура да манифестираме заедничка визија и вистинска, искрена желба за изградување на тој демос и за заеднички живот во оваа држава?
Сметам дека не се до крај расчистени одредени работи, дека нема искрени заложби од ниту една од засегнатите страни во таа смисла и затоа претходно кажав дека во овој период, можеби како никогаш претходно, двата национализма и нивните реторики одат спротивно на интересите на самата држава.
ТРН: Можеме ли по 35 години, кога зборуваме за граѓански права и за граѓански Устав, да ја поместиме оската од прашањата што ги допираат националностите кон прашањата што ги допираат граѓаните? На пример, Франција и Словенија го имаат правото на абортус во Уставот. Можеме да ја поместиме оската, малку пограѓански и малку настрана од она со што сме зафатени толку време?
Прешова: Не треба да ги поставуваме прашањата на индивидуалните и колективните права како целосно меѓусебно исклучиви. Како и кај останатите прашања, особено кога станува збор за правата и слободите, тие се предмет на балансирање меѓу различни вредности и никогаш не стојат изолирано од она што во општеството е вредност која треба да биде заштитена.
Значи, секогаш се поставуваат во одреден контекст. Ја спомнавте дебатата за абортусот, која беше иницирана со уставните измени во Франција, и големата победа на дел од прогресивните политички струи и опции и на невладиниот, граѓанскиот сектор.
Но не заборавајте дека тие одредби во поранешна Југославија и во републичките устави датираат од 1974 година. Словенија всушност го има преземено тоа, и ние го имаме преземено. Ние забораваме дека одредени такви решенија се истакнуваат и во позитивна смисла и се разликуваа од она што претставува некаква доминантна матрица во другите системи.
Станува збор за можеби не толку прецизно утврдено прашање, но за право кое се однесува на планирањето на семејството, од каде многу лесно би можело да се извлече и прашањето за правата поврзани со предвременото прекинување на бременоста, односно абортусот.
И тоа всушност нè доведува до едно од основните прашања, според мене. Покрај демократскиот процес, кој исто така треба да влијае на тој баланс меѓу индивидуалните и колективните права, тука имаме една клучна институција која, за жал, кај нас не заживеа како што треба, а која во другите системи се нарекува чувар на Уставот.
Кај нас не сум сигурен дека можеме така да ја наречеме оваа институција. Тоа е Уставниот суд. Уставниот суд, наместо да успее во овие 35 години да изгради вистинска уставна култура и да го адаптира текстот, за да имаме навистина жив Устав, кој ќе се адаптира на современите околности и предизвици и ќе ги премостува и аномалиите што иницијално настанале… Ако сме искрени, ќе забележиме дека Уставниот суд не одиграл, ниту сега до крај игра, посебно конструктивна улога, иако мораме да признаеме дека во последните неколку години имаме одредени исчекори во позитивна насока кога станува збор за Уставниот суд.
Сепак, тоа е далеку од она што се, и што би требало да бидат, нашите очекувања за тоа каква улога треба да игра оваа институција, како навистина да стане чувар на Уставот и да изгради уставна култура, преку која ќе изградиме вистински демос за демократија и лојалност кон одредени вредности.
Тогаш нема да се случува 17 ноември многу често да биде заборавен како датум, дури и од страна на институциите на државата, и да бидеме приморани да критикуваме поради тој игнорантски однос кон самиот Устав. Тоа исто така доста ви говори за тоа како самите политички елити и институциите се однесуваат кон Уставот – крајно опортунистички, кога имаат потреба од него.
Дали кога изразуваат одреден протест, дали кога изразуваат одреден став во Собранието како бранители на Уставот, претходно како дел од Шарената револуција и така натаму. Гледаме во Србија, Студентската листа излегува и прославува држејќи го Уставот на Србија.
Не само во тие моменти, туку треба во континуитет да градиме простор и основа за таков тип лојалност и верност кон уставните вредности. Во оној момент кога ќе сфатиме дека имаме базичен консензус околу основните вредности, сè останато е надградба на нив.
ТРН: И за крај, по сите измени и дополнувања, мислам дека беа 36 амандмани, колку Уставот сè уште ја одразува првичната основа од 1991 година?
Прешова: Ние не треба да бидеме заложници на некаков оригинализам. Како што спомнав и претходно, на уставите треба да се гледа како на живи инструменти кои еволуираат. Намерно се и напишани на тој начин. Ако ги погледнете широките формулации што се користат во Уставот и стилот со кој е пишуван, тој остава простор за таа флексибилност и адаптивност.
Значи, тој во основа треба да еволуира, се разбира, во одредени рамки, кои ги поставуваат темелните вредности и генерално вредностите што ги промовира, а кои би требало да бидат либерално-демократски. Така што, од тој аспект, дали одразува тоа што првично било зацртано или не, не треба да биде основната детерминанта за тоа како ќе пристапиме кон улогата што ја игра и ја одиграл нашиот Устав.
А бројот на измени е релативен. Го знам аргументот на некои дека ние сме рекордери по бројот на измени. Јас не би се согласил со тој став. Точно е дека некои од измените биле изнудени, но ние сме ги прифатиле, тие биле изгласани во Собранието.
Треба повторно да се свртиме кон себе и да се запрашаме зошто биле изнудени, дали можеби ние некаде сме погрешиле. Јас често гледам некритички однос кон тоа што ние сме го направиле, покрај тоа што апсолутно има легитимна основа за критички однос кон наметнувањето одредени измени на решенија што претходно сме ги имале. Но можеби и ние некаде сме погрешиле, и сè додека не расчистиме со тие работи, а за жал сè уште мислам дека немаме расчистено, нема да можеме да имаме вистински објективен критички осврт кон тоа што успеал да постигне Уставот, што требало и што можело да се очекува тој да постигне, а што е грешка поради тоа што не сме успеале да допреме до срцата и умовите на граѓаните, вклучувајќи ги тука и политичките елити.
Така што, во таа смисла, кога немаме Уставен суд како одговорен чувар на Уставот, кога немаме доследно почитување на уставните одредби, не можете премногу да го критикувате Уставот, затоа што тоа значи дека таа рамка почнуваме да ја третираме како прилично еластична, па ја растегнуваме и тестираме докаде може да издржи.
Често кај промените ќе чуете од одредени, дури и професори, дека уставните амандмани треба да се прават со рака која трепери. Јас би рекол дека рака која трепери постојано ќе греши, затоа што не е сигурна и се плаши.
Рака која добро ќе процени, пет пати ќе измери пред да пресече, која вистински ќе знае и ќе биде решена да го направи тој чекор уверена во исправноста на решенијата, верувам дека нема да ја направи таа грешка. Така што, во таа смисла, потребен е самокритички однос, вистински објективен критички осврт на тоа што е направено и лоцирање на нашите сопствени грешки и слабостите на уставниот систем, пред да одлучиме да преземеме било каков нов чекор, макар тоа да е и донесување нов Устав.
