Музички караван по повод 35 години од независноста на Македонија започнува во недела, на 9 август, со мултимедијален сценски перформанс во Охрид. Манифестацијата преку музика, глума и танц ќе ги прикаже клучните историски моменти, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении. Оваа патувачка културна програма е увертира за централната прослава на Денот на независноста, 8 Септември.
Иницијативата предвидува да го доближи празничниот дух до граѓаните низ целата земја. Во следниот период караванот ќе го посетат вкупно 11 градови, каде што локалната публика ќе има можност да проследи настапи на познати македонски актери и музички изведувачи.
Организаторите најавуваат дека имињата на преостанатите градови од рутата ќе бидат дополнително објавени во текот на следната недела.
Кулминацијата на целиот музичко-сценски караван ќе се случи на 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
На централниот настан предвидено е да настапат повеќе од 120 уметници, кои преку заедничка програма ќе го затворат овој мултимедијален проект посветен на три и пол децении од македонската независност.