30 милиони луѓе годишно ќе умираат од загадувањето на воздухот и од климатските промени

До 2100-та година од загадувањето годишно ќе умираат 19,5 милиони луѓе, а од екстремни температури – 10,8 милиони

Во новата студија предводена од германскиот Институт за хемија Макс Планк, меѓународен истражувачки тим открива дека годишната стапка на смртност поврзана со загадувањето на воздухот и екстремните температури може да достигне 30 милиони до крајот на векот.

Истражувањето кое е засновано на напредни нумерички симулации, сугерира дека смртните случаи поврзани со загадувањето се очекува да се зголемат за пет пати, додека смртноста поврзана со температурата може да се зголеми за седум пати. Истражувачите ги базираат своите пресметки на проекции од 2000 до 2090 година, анализирани во интервали од десет години.

„Во 2000-тата година, околу 1,6 милиони луѓе починаа како последица на екстремни температури, односно од студ и од топлина. До крајот на векот, претпоставките се дека, оваа бројка ќе се искачи на 10,8 милиони, што е приближно седумкратно зголемување. Во однос на загадувањето на воздухот, во 2000-та се регистрираа околу 4,1 милиони смртни случаи. До крајот на векот, овој број би се зголемил на 19,5 милиони, што е петкратно зголемување“, објаснуваат од Институтот.

Стапката на смртност се очекува најмногу да порасне во Јужна и во Источна Азија, имајќи ги предвид стареењето на населението и загадувањето на воздухот кое сè уште игра главна улога.
Спротивно на тоа, во регионите со високи приходи – како што се Западна Европа, Северна Америка, се очекува смртните случаи поврзани со екстремни температури да ги надминат смртните случаи предизвикани од загадувањето на воздухот. Оваа промена веќе се случува во некои земји, односно во САД, Англија, Франција, Јапонија и Нов Зеланд. Разликата веројатно ќе расте, при што екстремните температури стануваат позначаен здравствен ризик од загадувањето на воздухот, исто така и во земјите од Централна и Источна Европа (Полска и Романија) и делови од Јужна Америка (Аргентина и Чиле).

До крајот на векот, здравствените ризици поврзани со температурата се очекува да ги надминат оние поврзани со загадувањето на воздухот за една петтина од светската популација, што ја нагласува итната потреба од сеопфатни активности за ублажување на овој растечки ризик за јавното здравје. „Климатските промени не се само еколошки проблем, тие се директна закана за јавното здравје“, се додава во истражувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни