Секој 25 мај, десетици илјади млади луѓе низ цела Југославија трчаа, пееа и плакаа од возбуда. Штафетата на младоста поминуваше низ секој град, секое село, секој стадион. На крајот секогаш стоеше Тито. Потоа Тито го немаше. А потоа, полека, ја немаше ни Југославија.
Сè започнало со една мала, но значајна неточност. Денот на младоста се одбележувал на 25 мај како роденден на Јосип Броз Тито, иако тој всушност не бил роден на тој датум. Различни извори го споменуваат неговиот вистински роденден на 4, 5 или 7 мај. Самиот Тито никогаш јавно не го разјаснил ова, а државата го прифатила 25 мај како официјален датум.
Традицијата започнала во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, на предлог на младите од Крагуевац, кои го осмислиле масовното штафетно трчање под името „Титова штафета”. Во 1957 година, на иницијатива на самиот Тито, 25 мај официјално бил прогласен за Ден на младоста.
Штафетата: 9.000 километри, месец и половина трчање
Главниот симбол на празникот била Штафетата на младоста, палка која се носела околу месец и половина низ целата територија на Југославија, од рака на рака, пренесувана од примерни младинци, најдобри ученици и студенти, млади работници и истакнати спортисти.
Во првата штафета во 1945 година учествувале 12.500 младинци, кои истрчале траса долга 9.000 километри и му предале на Тито девет штафетни палки и Сина книга со 15.000 потписи на младите од Шумадија. Со текот на годините трасата се менувала, но ритуалот останал ист: штафетата секогаш завршувала на стадионот на ЈНА во Белград, каде Тито лично ја примал на свечена церемонија со слет.
Штафетите биле изработувани од различни материјали, најчесто дрво, метал и плексиглас, со уникатен дизајн секоја година. Некои биле украсени со петокрака, други со симболи на братството и единството. Денес голем број штафети се чуваат во музеи и приватни колекции низ поранешните југословенски републики.
„Од Триглав до Гевгелија”
Со краток говор при примањето на штафетата, Тито секогаш истакнувал дека палката поминала илјадници километри, од Триглав до Гевгелија, носена во рацете на младинците. Таа реченица, со своите географски крајности, ја отсликувала идејата за единството на Југославија подобро од кој било политички говор.
Секоја година штафетата тргнувала од различно место, од различна република, одбележувајќи важни историски датуми и настани. Тоа давало чувство на рамноправност и вклученост на сите народи во заедничката приказна.
Македонија и штафетата: Трчање со историска тежина
Македонија имала свое посебно место во ритуалот на Денот на младоста. Низ македонските градови, дочекот на штафетата бил народен настан: луѓето излегувале на улица, училиштата организирале свечености, а избраните носители на штафетата биле третирани како локални херои.
Еден од најпознатите македонски мигови поврзани со овој ден е оној на штипјанката Лилјана Жежова, подоцна Марковска, која на 25 мај 1970 година, на стадионот на ЈНА во Белград, лично му ја предала штафетата на Тито. Имала 18 години. Подоцна раскажувала дека нозете и се треселе, очите и биле насолзени од возбуда и трема, а се чувствувала како да ја тресела грозница. Таа е една од само 34-те младинци кои некогаш лично му ја врачиле штафетата на Тито.
Скандалот со нацистичкиот плакат: Знак за она што доаѓа
Последната Штафета на младоста се одржала во 1987 година, седум години по смртта на Тито. Традицијата продолжила по инерција, но духот бил различен. Токму таа последна штафета донела и еден од најголемите скандали во историјата на празникот.
Дизајнот на официјалниот плакат за Денот на младоста бил доверен на љубљанското студио „Нов колективизам”. Кога плакатот бил објавен, на почетокот никој не забележал ништо необично. Потоа медиумите открориле дека плакатот бил речиси идентична копија на нацистички постер на германскиот уметник Ричард Клајне, создаден за Олимписките игри во Берлин во 1936 година. Под притисок на јавноста бил изработен нов плакат, но скандалот веќе бил раширен.
Многумина подоцна ќе напишат дека токму тој момент симболично го наjавил она што следело: крвавиот распад на Југославија.
1988: Крај на традицијата, почеток на крајот
Во 1988 година, Сојузот на социјалистичката младина на Југославија официјално ја укинал традицијата на Штафетата на младоста. Три години подоцна, Југославија влегла во крвава граѓанска војна.
Денес, во некои градови на поранешна Југославија сè уште се одбележува 25 мај, во знак на носталгија и сеќавање. Во Кумровец, родното место на Тито, во 2024 година на комеморацијата се собрале речиси 10.000 луѓе, облечени во пионерски шалови и капи „титовки”. Во Македонија, поединци и здруженија го одбележуваат денот, но официјална државна манифестација не постои.
Зошто се сеќаваме?
Денот на младоста не бил само политички ритуал. За милиони луѓе, вклучувајќи и за македонската генерација која го живеала, тоа биле вистински спомени на заедништво, возбуда и припадност. Штафетата не носела само палка, туку и чувство дека постои нешто поголемо од тебе, нешто кон кое трчаш и кое те чека.
Дали тоа биле подобри времиња, полоши времиња или само поинакви времиња, секој одговара за себе. Но дека биле незаборавни, на тоа се согласуваат сите кои трчале.