Пред повеќе од 100.000 луѓе во Анкара, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја претстави визијата на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) за следниот четврт век. Настанот се одржа во паркот „Милет бахчеси“ по повод 25-годишнината од основањето на АКП, а говорот на Ердоган во живо го пренесуваа водечките турски телевизии.
„Почнуваме одново. Ова движење, овој тим, овие млади луѓе, нивните деца и нивните внуци ќе ја одведат Турција прво до 2053 година, а потоа до 2071 година“, порача Ердоган.
Тој додаде дека има намера и понатаму активно да работи во политиката и да ѝ служи на Турција.
Зошто токму 2053 и 2071 година?
Годините што ги спомена Ердоган имаат силно историско значење за Турција. Во 2053 година ќе се навршат 600 години од освојувањето на Константинопол од Османлиската империја. Во 2071 година, пак, ќе се одбележат 1.000 години од битката кај Манцикерт (Малазгирт), во која селџучките Турци ја поразиле Византиската империја.
Ердоган овие историски датуми ги користи како долгорочни рокови за остварување на политички и развојни цели на современа Турција.
План за следниот четврт век
На 25-годишнината од АКП, Ердоган ја претстави визијата на партијата, содржана во документ од 69 страници. Во него се наведени приоритетите за следните 25 години, поделени во 10 области.
Меѓу нив се производството со висока додадена вредност, дигиталниот суверенитет, судскиот систем, новиот устав, семејната и социјалната политика, положбата на жените и младите, како и зелената транзиција.
Ердоган посебно се осврна и на иницијативата „Турција без тероризам“, оценувајќи дека земјата се движи кон решавање на проблем кој повеќе од четири децении однел десетици илјади животи.
Ердоган: Политиката продолжува
Ердоган, кој е лидер на АКП од нејзиното основање, истакна дека зад себе има 50 години политичка активност и дека нема намера да се повлече. „Ако Бог ми даде здравје и долг живот, ќе продолжам да ѝ служам на Турција и на својот народ со љубов уште многу години“, порача турскиот претседател.
За време на настанот, тројца опозициски пратеници и седум градоначалници преминаа во редовите на АКП, а Ердоган лично им ги врачи партиските значки. Партијата на правдата и развојот е основана на 14 август 2001 година. Веќе на парламентарните избори во 2002 година стана владејачка партија и оттогаш непрекинато е на власт во Турција.