Search

1000 регистрирани корисници, од различни профили од кои 80% се жени се корисници на ЕПАЛЕ програмата

ЕПАЛЕ (Electronic Platform for Adult Learning in Europe) е европска платформа наменета за професионалците во образованието за возрасните во Европа. Основана е во 2014 година од страна на Генералниот Директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската Комисија, како резултат на предизвиците во областа на образованието на возрасните низ цела Европа, како што се: разновидност на секторот, разлики помеѓу системите за образование за возрасни, ниското ниво на соработка помеѓу земјите, финансирањето итн. Во однос на тоа какви можности нуди оваа програма и колку има интерес за неа кај нас поразговаравме со М-р Љупка Ќуркчиева, ЕПАЛЕ Координатор од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Трн: За кого е наменета ЕПАЛЕ пплатформата и кои се основните критериуми за учество?

Љупка: Платформата им овозможува на наставниците, професорите, тренерите, истражувачите, донесувачите на одлуки и сите останати кои имаат или сакаат да имаат професионална улога во образованието на возрасните пристап до навремени информации поврзани со настани, размена на ресурси, добри практики, можности за вмрежување, промоција и видливост помеѓу над 140 000 членови од цела Европа. Приклучувањето е едноставно, бесплатно, може да биде на индивидуална или професионална основа, а нивото на сопствената вклученост ја одредува секој регистриран корисник. Кај нас, во моментот има околу 1000 регистрирани корисници, од различни профили. Интересно, неодамнешното наше истражување покажа дека околу 80% од нив се жени на возраст над 30 години и имаат комплетирано средно или високо образование.

ЕПАЛЕ Националниот Сервис за Поддршка на Република Северна Македонија функционира во рамките на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. ЕПАЛЕ НСП ја идентификува важната содржина на национално ниво, воспоставува и одржува контакти со социјалните партнери во земјата, како и другите НСП.

Трн: Кои се клучните моменти на ЕПАЛЕ Платформата?

Љупка: Од 2019 година, за прв пат, Република Северна Македонија се приклучува на европското семејство на ЕПАЛЕ. Со тоа како држава, добивме можност да бидеме дел од единствената заедница во образованието на возрасните во Европа, да споделуваме содржини, да учиме од нашите колеги од странство, и да ги применуваме европските искуства во работата и секојдневниот живот. На почетокот, корисниците од Македонија во Платформата се вклучуваат на англиски јазик, со што, пристапот до можностите се ограничени само на лицата со силни јазични вештини.

Во 2020 година ЕПАЛЕ добива своја поддршка на македонски јазик и кирилското писмо. Преведен е интерфејсот, но поважно од сé, македонскиот јазик за прв пат се појавува во листата на јазици во ова европско семејство, препознаен е и видлив во кирилично писмо. Тоа не е само едноставен превод, туку е и можност за интеракција на македонски јазик, што до сега не беше можно. За нас е ова од огромна важност, нашиот јазик е препознаен, видлив и достапен во еден европски контест па и пошироко, и силно придонесува кон генералниот концепт на мултилингвализам во Платформата. Со тоа Европската Унија ни дава доверба и ја потврдува нашата работа и нашата важност во процесите на спроведување на европските вредности и идентитет. Според истражувањето на јавното мислење, корисниците ја имаат оценето македонската верзија на Платформата со просечна оцена од 4.7 (од 5), што за нас е потврда дека пласираните содржини се релевантни и корисни и го збогатуваат секторот на образование за возрасни во земјата.

Друг за нас особено значаен момент е тоа што во 2023 година, во рамкте на ЕПАЛЕ за прв пат бевме домаќини на регионален настан обука и вмрежување, кој се случи тука, во Скопје. Настанот е дел од тековната компонента за регионална соработка во рамките на EPALE, а наши гости беа амбасадори и колеги од NSS од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Поддржувајќи ја повеќејазичноста на платформата, сите учесници беа поканети да го користат својот јазик за време на настанот, кој, дури и предизвикувачки поради многуте разлики, се покажа како силен поврзувачки елемент.

Трн: Кои се основните функционалности на ЕПАЛЕ?

Љупка:  ЕПАЛЕ нуди многу можности. Корисниците можат да ја промовираат својата работа пред широка меѓународна публика, да пронајдат партнери за меѓународни проекти, да најдат информации и релевантни истражувања од 33+ земји, да се приклучат кон меѓународни настани во нивото поле на интерес, како и се разбира, да прочитаат актуелности во нивното поле на интерес и да разменат искуства со своите колеги од цела Европа. Единствено што треба да направат заинтересираните е да отворат свој профил, што е многу едноставно и бесплатно, да ги дефинираат своите рамки за учество, на пример на која тема имаат посебен интерес или во која група за соработка би сакале да учествуваат и веднаш пред нив ќе се отвори еден сосем нов свет полн со податоци, интересни статии, можности за соработа итн.

Трн: Какви бенефити нуди програмата Еразмус+ за учесниците во образованието на возрасни?

Љупка: Еразмус + е најголемата програма на Европската комисија, која поддржува размена на искуства, учење и соработка во образованието, обуката и младите. Буџетот на програмата изнесува 14,7 милијарди евра со цел да обезбеди можности за над 4 милиони Европејци да учат, обучуваат и стекнуваат искуство во странство. Образованието за возрасни тука игра значајна улога и ги обединува сите можности на соработка и учење во кои можат да се вклучат организациите/институциите кои работат со возрасни ученици или имаат таква намера во иднина. При тоа, нема ограничување во тоа дали се спроведува формално, неформално или информално учење, или на пример, дали институцијата има меѓународно искуство. Во однос на формата, организациите од образованието за возрасни можат да се вклучат во активности на мобилност, што претпоставува учење и/или настава во странство или во меѓународна средина, а можат и, заедно со свои колеги од странство заеднички да работат на одредена тема, значајна во нивното секојдневно работење.

Трн: Колкав е интересот за програмата Еразмус+ во областа на образованието на возрасни? Колку  учесници досега биле дел од неа?

Љупка: Интересот е огромен, и се зголемува секој нов повик. Наши корисници се провајдери на образование за возрасни, библиотеки, НВО, професионални здруженија, отворени граѓански универзитети, компании, стопански комори, медиуми, па и општини кои имаат интерес да се посветат на подигнување на културата на учење помеѓу возрасните ученици, а во исто време ја одбрале интернационализацијата како своја професионална ориентација. За жал, заради ограничените буџети, можат да бидат поддржани само мал број најквалитетни проекти. Во рамките на новата Еразмус+, која се спроведува од 2021 година, до сега се поддржани преку 40 различни проекти со македонски координатори во областа на образованието за возрасни, во кои биле вклучени преку 90 организации од цела Европа.

Трн: Кои се најчести видови на мобилности и соработка што се поддржани од програмата Еразмус+ во образованието на возрасни?

Љупка: Претставниците на организациите во образованието за возрасни можат да се вклучат во различни форми на учење во странство, без оглед на нивот на нивните јазични вештини. Можат да посетат конкретен структуриран курс во полето од нивен интерес или да одат во посета на сродна институција да го набљудуваат процесот на работа на одредено работно место. Во рамките на партнерствата, можностите се неограничени и зависат од потребите и креативноста на вклучените партнерски институции, но задолжително мора да имаат меѓународен елемент и да ги поддржуваат европските вредности.

Трн: Какви промени носи оваа програма во полето на образованието и каде и како се применуваат?

Љупка: Промените во ова поле настануваат постапно, со оглед на различниот профил на можните учесници, но и широкото поле на теми кои можат да бидат покриени. На пример, корисници можат да бидат еколошки здруженија од рурална средина, градинки кои работат со родители, но и универзитети кои обучуваат идни андрагози. Главните промени можат да се идентификуваат во подигнувањето на степенот на интернационализација на провајдерите, во потребата од стратешко планирање на идните активности и во воведувањето на меѓународен стандард во секојдневното работење. За нас како земја, особено значајно е што во најголемиот дел проекти финансирани од Еразмус+ приоритет е развивање на нови курикулуми за обука, кои се изработуваат во меѓународна средина, се користи европско знаење и искуство, и со тоа се збогатува понудата на модули за учење кај нас, кои се со релевантен квалитет. Се очекува на долг рок тоа да ја зголеми мотивираноста на возрасните да се вклучат во различни образовни иницијативи во иднина.  

Трн: Кои се најголемите предизвици и можности за образованието на возрасни во рамките на програмата Еразмус+?

Љупка: Кај нас, би сакала промените во политиките да се одвиваат подинамично, со цел да одговорат на европските трендови. Истите би требало да отворат поголема можност за вградување на европските искуства во процесите на обука и учење за возрасните. Лично, во Еразмус+ би сакала да видам повеќе македонски организации од ова поле како провајдери на знаење, кои ги нудат своите модули за обука во Европа и привлекуваат учесници од различни земји да дојдат да учат во нашата земја. Еразмус+ може да донесе промени во промената на тој мајндсет кој преовладува, од оние кои бараат знаење во оние кои имаат квалитет, конкурентност и соодветен стандард на учење во Европа. 

Најново

Последни колумни